ССМ најавува блокади и генерален штрајк, прв на удар Собранието

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најави блокада на Собранието и организирање генерален штрајк како следни чекори по протестот што се одржа завчера во Скопје.

од desk4
17 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Од ССМ порачаа дека очекуваат Владата најдоцна во понеделник да го потпише колективниот договор со кој минималната плата ќе се зголеми на 600 евра, и тоа веднаш, а не со одложување од две години.

Како што беше најавено, првата блокада ќе започне следната недела и ќе биде насочена кон работата на Собранието, како и пристапот на пратениците. Од синдикатот посочуваат дека токму таму веќе една година се заглавени законските измени поврзани со зголемувањето на минималната плата.

ССМ упати јавен повик до работниците од јавниот и приватниот сектор да се приклучат на генералниот штрајк, но засега не прецизираа кога точно ќе се одржи.

Премиерот Христијан Мицкоски, од друга страна, одговорноста ја лоцира кај ССМ, обвинувајќи ги дека одбиваат да потпишат нов колективен договор.

На обвинувањата од владејачката партија дека ССМ и синдикатот УПОЗ се виновни што минималната плата од 600 евра не би се реализирала до 2028 година, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, возврати дека станува збор за 2026 година и порача надлежните да се „вратат во реалноста“.

Во однос на изјавата на гувернерот Трајко Славески дека барањето за минимална плата од 600 евра е популистичко, од ССМ реагираа дека, за разлика од работниците на кои им се нуди зголемување од 1.600 денари од април, тој од следниот месец ќе има плата зголемена за околу 300 евра.

Од ССМ тврдат и дека раководни лица во „Македонски пошти“ и во „Тутунски комбинат Прилеп“ им се заканувале на вработените со откази и парични казни доколку го поддржат или учествуваат на последниот протест.