ЕПП: Европа од четвртина од светското население ќе падне на само 4 проценти до 2070 година

Европската народна партија (ЕПП) денеска во Загреб усвои декларација во која се наведува дека демографијата не е маргинално, туку „централно стратешко прашање“ за Европа, со повик за итни и координирани мерки за пресврт на негативните демографски трендови.

од desk4
21 прегледи

„Европа што се намалува и не е во состојба да ја одржи својата демографска сила неизбежно ќе стане послаба Европа, помалку способна да ги заштити своите граѓани, економијата и вредностите во сè поконкурентен и понестабилен свет“, се наведува во декларацијата усвоена на собирот во Загреб.

Лидерите на партиите членки на Европската народна партија, најголемата политичка групација во Европа, денеска и утре одржуваат неформален состанок во главниот град на Хрватска. На собирот, меѓу другите, присуствуваат претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, германскиот канцелар Фридрих Мерц и полскиот премиер Доналд Туск.

Европа сè повеќе се потпира на работници од трети земји

Во декларацијата се предупредува дека, доколку продолжат сегашните трендови, Европската унија до 2070 година ќе сочинува околу четири проценти од светското население, додека на почетокот на 20 век опфаќала речиси една четвртина. Унијата се соочува со стареење на населението, депопулација и ниски стапки на наталитет.

Во сите земји членки стапките на фертилитет се значително под нивото на проста репродукција од 2,1 дете по жена, со европски просек од околу 1,38. Ова создава сè поголем притисок врз пензиските системи, пазарот на труд и здравствените системи, а Европа сè повеќе се потпира на работници од трети земји за „краткорочно ублажување на падот на работоспособното население“.

„Демографијата затоа не е споредно прашање, туку централно стратешко прашање кое бара координиран одговор на Европската унија“, порачуваат од ЕПП. Во декларацијата се наведува дека ЕУ мора истовремено да инвестира во младите генерации и во градење општество на долговечност, не само преку продолжување на работниот век, туку преку овозможување поздрав, пообразован и попродуктивен живот во сите животни фази.

Демографската обнова како стратешки императив

Покрај финансиските стимулации, како клучни се наведуваат достапна и прифатлива грижа за деца, соодветно домување, целодневно образование, вистинска рамнотежа меѓу работата и приватниот живот, како и општествена клима што го вреднува родителството.

Во декларацијата се посочува дека демографијата е препознаена како стратешки предизвик по иницијатива на Хрватска, а од 2019 година е дел и од посебно портфолио во Европската комисија, со кое раководи комесарката Дубравка Шуица.

„ЕПП потврдува дека демографската обнова мора да биде стратешки императив на Европската унија, рамноправен со конкурентноста, безбедноста, како и енергетската и технолошката сувереност“, се наведува во декларацијата, со повик за воспоставување „вистинска европска демографска стратегија“.