Германија испрати писмо до пет земји на ЕУ: „Вака повеќе не може“

Германија и Франција се залагаат за забрзување на клучните политики на Европската унија, меѓу кои зајакнување на еврото, поголема соработка во воената потрошувачка и изградба на стабилни синџири на снабдување со критични суровини.

од desk4
37 прегледи Фото: Принтскрин

Поради честите блокади во донесувањето одлуки, Берлин и Париз предлагаат модел на „Европа со две брзини“, кој би им овозможил на водечките економии да напредуваат без потреба од консензус на сите 27 земји членки, објави „Вашингтон пост“.

Повик за состанок на шесте најголеми економии

Германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл во писмо упатено до министрите за финансии на петте најголеми економии во ЕУ нагласил дека „продолжување по старо не е опција“ доколку Европа сака да стане поотпорна на новите геополитички предизвици. Во писмото, во кое увид имал „Вашингтон пост“, Клингбајл информира дека заедно со својот француски колега Ролан Лескјур иницира видеоконференција на т.н. „шесторка“, со цел изработка на амбициозен и конкретен план за зајакнување на суверенитетот, отпорноста и конкурентноста на Европа.

Покрај Германија и Франција, на состанокот се поканети и министрите од Италија, Шпанија, Полска и Холандија. Клингбајл појаснил дека станува збор за воведен состанок, пред средба во живо што треба да се одржи следниот месец, на маргините на самитот на Еврогрупата.

Консензусот како кочница

Иако Европската унија со своите 27 членки и околу 450 милиони жители претставува значајна глобална сила, постигнувањето консензус меѓу толку различни држави често се покажува како сериозна пречка. Како пример се наведуваат резервите на поединечни лидери, меѓу кои и унгарскиот премиер Виктор Орбан, во однос на построг став кон Русија и прекин на увозот на руски енергенси.

Дополнително, и неодамнешниот трговски договор меѓу ЕУ и јужноамериканскиот блок Меркосур, иако историски, се соочи со нови одложувања откако дел од европратениците побараа правна проверка од Европскиот суд на правдата.

Поради ваквите застои, водечките европски сили сè почесто прибегнуваат кон дејствување во помали групи, пристап познат како „минитарализам“ – особено во областите на енергетиката и одбраната.

Четири приоритети за „шесторката“

Во писмото Клингбајл наведува четири клучни приоритети: создавање унија за штедење и инвестиции за подобри услови за финансирање на компаниите, зајакнување на меѓународната улога на еврото, подобра координација во одбранбената потрошувачка и обезбедување сигурни синџири на снабдување со критични суровини.

Потребата Европа да дејствува посамостојно, според германските власти, станала поочигледна по одредени потези на американскиот претседател Доналд Трамп, кои покажале дека САД повеќе не се секогаш сигурен партнер во трговијата и одбраната.

„Сега е време за Европа со две брзини“, изјави Клингбајл на настан во Берлин, додавајќи дека Германија, заедно со Франција и другите партнери, е подготвена да ја преземе водечката улога. „Како шест најголеми економии во Европа, можеме да бидеме двигател на посилна и понезависна Унија“, порача тој.