Несреќата се случи на 18 јануари во местото Адамуз. Починатата била меѓу патниците на возот „Алвиа“, кој сообраќал на релација Мадрид – Андалузија, а живеела во Ла Палма дел Кондадо, во провинцијата Уелва. Според весникот „Паис“, дури 28 од вкупниот број жртви се од оваа провинција.
Во моментот на несреќата, жената се враќала по полагање испит за затворски чувар. По инцидентот, таа била хоспитализирана на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вкупно 126 повредени патници, 16 сè уште се лекуваат во болниците низ Андалузија, при што двајца остануваат на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба информира дека во меѓувреме е забележано уште едно отпуштање од болница и еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација за настраданите, која беше закажана за 31 јануари во Уелва.
Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека државата ќе продолжи со истрагата за причините за несреќата и ќе обезбеди континуирана поддршка за семејствата погодени од трагедијата.