Масовно се споделува фотографија од принцот Ендрју: нови документи откриваат понуда од Епстајн за средба со „млада Русинка“ и покани во Бакингемската палата

Новообјавени милиони страници од архивата поврзана со Џефри Епстајн повторно го разгореа глобалниот скандал околу неговите врски со политички, бизнис и кралски елити.

од desk4
29 прегледи

Во фокусот овојпат е британскиот принц Ендрју Маунтбатен-Виндзор, брат на кралот Чарлс III, откако на социјалните мрежи масовно почна да се споделува фотографија за која медиумите наведуваат дека потекнува од досиејата на Епстајн.

Паралелно со фотографијата, вниманието го привлекоа и електронските пораки кои, според документите објавени од Министерството за правда на САД, покажуваат дека Епстајн во 2010 година активно посредувал во организирање средби и дружења за принцот Ендрју, вклучително и понуда за запознавање со 26-годишна Русинка.

Во е-пошта од 12 август 2010 година, Епстајн му пишува на Ендрју, обраќајќи му се со „војвода“, дека има „пријателка со која мислам дека би можеле да уживате во вечера“. Во истата порака наведува дека ќе биде во Лондон од 20 до 24 август. Принцот, според преписката, прашал што ѝ било кажано на жената за него и дали таа ќе пренесе „порака“ од Епстајн. Неколку пораки подоцна, Ендрју наведува дека на 22 август ќе биде во Женева, но дека „со задоволство би ја видел“.

Епстајн дополнително објаснува дека станува збор за 26-годишна Русинка, која ја опишува како „паметна и убава“, додавајќи дека таа веќе ја има електронската адреса на принцот. Во објавените материјали нема докази дека ваквата средба навистина се одржала.

Неколку недели подоцна, преписката меѓу Епстајн и Ендрју продолжува со разговори за можна вечера во Бакингемска палата. Во порака од 27 септември 2010 година, Епстајн му пишува на принцот дека е во Лондон и прашува кога би можел да дојде, додавајќи дека ќе биде потребна приватност. Ендрју одговара дека токму ја напушта Шкотска и предлага вечера во Бакингемската палата, со „многу приватност“. Два дена подоцна, повторно му пишува дека може да дојде „со кого сака“ и дека ќе биде слободен од околу 16:00 до 20:00 часот. И во овој случај, документите не потврдуваат дали ваква вечера навистина се случила.

Овие настани се случуваат во период кога Епстајн веќе бил условно пуштен од куќен притвор, откако претходно бил осуден за подведување малолетничка за проституција. Во интервју за BBC во 2019 година, принцот Ендрју тврдеше дека ги прекинал сите врски со Епстајн по декември 2010 година, но судските документи и новообјавените пораки укажуваат дека комуникацијата продолжила и по тој датум.

Скандалот дополнително се продлабочи со објавувањето на документи и постхумни мемоари на Вирџинија Џуфре, која го обвини принцот Ендрју за сексуален напад. Таа тврдеше дека била присилена на сексуални односи со него во три наврати, од кои во два имала 17 години. Принцот ги негираше обвинувањата, но во 2022 година ѝ исплати повеќемилионска отштета, без да признае вина.

Јавниот притисок и гневот во Обединетото Кралство кулминираа со одлуката на кралот Чарлс III да му ги одземе сите кралски титули и почести на својот брат и да го исели од вилата со 30 соби на кралскиот имот во Виндзор, западно од Лондон. Денес, поранешниот принц формално е познат како Ендрју Маунтбатен-Виндзор.

Документите, сепак, не се ограничуваат само на британското кралско семејство. Во нив се појавуваат и преписки што укажуваат на значително пообемна комуникација меѓу Епстајн и Елон Маск отколку што претходно беше јавно познато. Објавените е-пораки од 2012 и 2013 година покажуваат дека двајцата разговарале за можни посети на приватниот остров Little St. James, иако нема докази дека таква посета навистина се реализирала.

Маск со години јавно негираше какви било блиски врски со Епстајн, а во 2019 година го опиша како „очигледно морничав тип“. Сепак, новообјавените пораки ги доведуваат во прашање тие изјави. По објавувањето на документите, Маск изјави дека е свесен оти дел од преписката може да биде погрешно протолкувана, но нагласи дека никогаш не го посетил островот и дека се залагал за целосно објавување на досиејата.

Во истите документи се споменува и словачкиот дипломат Мирослав Лајчак, кој, според објавените пораки, разменувал комуникација со Епстајн исполнета со сексуални алузии и разговори за патувања на Балканот.

Вирџинија Џуфре, која беше една од најгласните обвинителки на Епстајн и принцот Ендрју, почина во април минатата година во Австралија, каде што живееше, а властите потврдија дека станува збор за самоубиство. Самиот Епстајн изврши самоубиство во затвор во 2019 година, додека чекаше судење за федерални обвиненија за трговија со луѓе и сексуално искористување малолетници.

Со најновите објави, аферата Епстајн повторно добива глобални размери, отворајќи прашања за одговорноста, молкот и заштитата на моќните, но и за тоа колку длабоко неговата мрежа навлегувала во највисоките кругови на светската елита.