Започна сеопфатна акција за чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје

Денеска Град Скопје спроведува сеопфатна и координирана акција за чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, во која се вклучени сите јавни претпријатија.

од desk4
20 прегледи Фото: Принтскрин/ТВ 21

Активностите се насочени кон уредување на еден од најзначајните здравствени комплекси во државата, кој секојдневно го посетуваат илјадници граѓани од сите делови на Македонија.

Акцијата претставува директен одговор на оправданите реакции и забелешки од јавноста за долгогодишната негрижа кон просторот на Клиничкиот центар. Надлежните потенцираат дека здравствените установи мора да бидат чисти, безбедни и уредени, соодветни на нивната суштинска улога во општеството.

Во рамки на денешните активности се перат и чистат улиците и паркинзите, се сече и отстранува опасната и запуштена вегетација, се чистат сливниците, се метат сите јавни површини со специјализирана механизација, како и се отстранува кабастиот и комуналниот отпад.

Од Град Скопје најавуваат дека ова не е еднократна интервенција, туку почеток на континуирана грижа за Клиничкиот центар. Ваквите акции, како што велат, ќе продолжат и во иднина, со цел просторот да го добие изгледот и условите какви што заслужуваат пациентите, здравствените работници и сите граѓани.