Документите на Епстајн го урнаа словачкиот советник: Фицо ја прифати оставката на Лајчак

Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска ја прифати оставката на својот советник Мирослав Лајчак, откако неговото име се појави во документите поврзани со американскиот финансист и осуден сексуален престапник Џефри Епстајн.

од desk4
27 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ TVP WORLD

Лајчак претходно сам ја понудил оставката, а Фицо ја прифатил, иако советникот ги отфрли наводите што произлегуваат од објавените документи, пренесува словачкиот портал Pravda.

Фицо: Станува збор за лицемерие и напад врз мене

Коментирајќи го случајот, премиерот Фицо оцени дека се работи за, како што рече, „невидено лицемерие“, тврдејќи дека целата ситуација се користи за политички напад врз него.

„Лајчак уште еднаш се покажа како врвен дипломат. Ја прифаќам неговата понуда за прекин на соработката, иако со тоа не губам само јас, туку сите губиме исклучителен извор на дипломатско и надворешнополитичко искуство“, соопшти Фицо.

Оставката на Лајчак од функцијата советник на премиерот ја побараа претставници и на опозицијата и на владејачката коалиција, откако неговото име беше споменато во преписките објавени во рамки на досиејата поврзани со Епстајн.

Лајчак ги негира обвинувањата

По објавувањето на документите од страна на Министерството за правда на САД, Лајчак изјави дека никогаш не му биле понудени сексуални услуги и дека не учествувал во какви било активности поврзани со Епстајн или со лицата што се споменуваат во неговите списи.

„Подготвен сум ова да го потврдам на кој било начин. Како професионален дипломат, не сум толку наивен да направам нешто што би можело да ме дискредитира“, изјави Лајчак, а пренесе словачката новинска агенција TASR.

Случајот со Лајчак е уште еден во низата политички последици што произлегуваат од објавувањето на документите поврзани со Џефри Епстајн, кои во повеќе земји отворија сериозни прашања за одговорноста и контактите на влијателни политички и јавни личности.

Слични содржини