„Системот не е за парично да ги оштети граѓаните, туку да спаси човечки живот плус“, нагласи Тошковски.
Тој појасни дека по бројните реакции од јавноста, извршени се измени во правилникот со кои се зголемува прагот на толеранција за возачите, во рамки на важечката законска регулатива.
„Во првичниот период немаше толеранција во рамки на опоменувањето на граѓаните, па воведовме толеранција согласно закон – 6 км/ч до 100 км/ч, а над 100 км/ч – 8 км/ч“, рече министерот, додавајќи дека новиот правилник стапил во сила вчера.
Според новите правила, како што објасни Тошковски, за брзини до 50 км/ч останува толеранција од 6 км/ч, додека за брзини од 50 до 100 км/ч таа изнесува 9 км/ч, а за ограничувања од 100 км/ч – до 12 км/ч.
„Ако имаме знак 30 км/ч, камерата нема да ве евидентира со 36 км/ч, туку од 37 км/ч. Кај ограничување 50 км/ч, санкција следува ако возите 60 км/ч, а кај 100 км/ч, ако возите 113 км/ч“, прецизираше тој.
Министерот најави и дополнителна мерка што ќе се спроведува во соработка со Македонски Телеком.
„За сите прекршоци сторени во рамки на толеранцијата ќе испраќаме информативна порака до граѓаните, без парична казна, со цел да им го привлечеме вниманието“, рече Тошковски.
Тој предупреди дека и покрај толеранцијата, надминувањето на дозволената брзина може да има сериозни последици.
„Ако некој управува со 55 км/ч таму каде што е дозволено 50 км/ч и притоа повреди пешак со тешки телесни повреди, ќе одговара кривично“, заклучи министерот.
Тошковски нагласи дека крајната цел на системот е „помалку повредени, помалку сообраќајни незгоди и помалку загубени човечки животи“.