Денес или утре, на еден или друг начин, сите што не се мициња или нивни покорни слуги на своја кожа ќе го почувствуваат чистото политичко зло – мициленд. Вчера работничката класа која остана со најниски плати во Европа и пошироко, завчера формално независната правосудна власт преку брутална партизација и отворени политички притисоци и наредби од извршната и законодавната власт, утре – којзнае кои. Сите до еден што за несреќа живееме во мициленд – освен класата на мициња и оние фолиранти кои до вчера го критикуваа дпмне мицковистичко, а денес откако им фрлија коска како на кучиња т.е. некаква функција со сиот не-памет и срам јавно му се заблагодаруваат на „г-нот Мицкоски“ – ќе ја доживееме заканата по нашата индивидална и колективна егзистенција од режимот на мицковистичко дпмне и нивните сателитски партии. Што се вели, мајчино млеко ќе проплука Македонскиот народ (и сите други националности, но сепак најмногу ние, Македонскиот народ) за време на диктаторскиот режим, тиранијата, ќе ја почувствува тежината на егзистенцијата во сите аспекти на животот. Се разбира, кај секој човек се појавува природен отпор кон живот во тиранија, и колку и да се залудни, ќе има примери на отпор и бунт – најновиот се демонстрациите и најавените штрајкови на Синдикатите, среде одамна познатиот и многупати емпириски верификуван факт дека овој режим е политички слуга на олигарсите и крупниот капитал. Милионерите, тајкуните им помогнаа да ја зграпчат власта и тие сега на некој начин им се оддолжуваат со тоа што нема никакви државни мерки за „нормализација“ на енормните профити на бизнисмените невидени во светски рамки и во најбогатите држави во светот, со најниски плати за работниците како во првобитниот капитализам, нема замрзнати цени, нема нови регулативи во полза на сиромашниот народ а такви се или ќе бидат сите што не се мициња. Од првиот ден на конституирањето на режимот е јасно дека на истиот не му е грижа за никој друг освен за – себеси. Односно, за своите членови и колаборационистите – еден по еден ги вработува во сите институции на системот и, што велеше Заев, буквално од чистачка до директор се или ќе бидат мициња, кои од државниот буџет ќе земаат редовна и висока плата, впрочем затоа режимот инсистира единствено на зголемување на платите на администрацијата, т.е. на нивните; за другите просто кажано, не им е гајле.
Таква е самата природа на мициленд и неговиот режим. Порано или подоцна сите ќе ја видат природата на тоа политичко и општествено зло. Во најпознатиот филм за последните денови на нацистичкиот режим – Der Untergang (Паѓање, Пад), има два момента, две сцени кои сликовито како да зборуваат за нашето Македонско денес во мициленд и диктаторскиот, тирански режим на мициленд, а не за нацистичкиот режим (впрочем, слични се во многу аспекти). Имено, децении после паѓањето, поразот на нацистичка Германија, Траудл Јунге – секретарката на Хитлер – вели, да парафразирам, дека се лути самата на себе и не може да си прости зошто навремено, тогаш, кога ја одбрал неа за секретарка – „девојката од Минхен“, не ја открила вистинската зла природа на нацизмот и зошто тогаш не сфатила во што се вплеткала, бидејќи била „детинесто младо суштество“. Но ако ова објаснување и каење можеби и може да биде делумно разбирливо и прифатливо, другиот битен и поучен момент во филмот „Паѓање“ за сите нас кои ја имаме таа несреќа да живееме во мициленд намест во Македонија, го дава главниот одговор и предупредување и за нашата индивидуална и сечија и секаква одговорност за постоењето на таквиот режим кои е олицетворение на чистото зло. Имено, тоа е полемиката на Шпер со Гебелс, во врска со неговото одбивање на наредбата да ја уништи сета инфраструктура на Германија со што Германскиот народ би се вратил во средниот век, без струја, вода итн., а со аргумент дека народот не го заслужил тоа и дека не е виновен за поразот на нацизмот; одговорот на Гебелс е дека е токму обратно, дека народот знаел и го поддржувал нацизмот и дека мора да ја поднесе, истрпи сопствената одговорност за поразот, паѓањето. Има и многу други интересни аспекти оваа драматична полемика меѓу водачите на нацизмот, но за нас, кутрите немоќни жители на мициленд, најважна е поуката дека сепак – секој од нас е виновен, повеќе или помалку, за постоењето на овој режим во мициленд. Што сме си заслужиле, тоа добиваме, vox populi-vox dei . Народот избра и мора да ги трпи последиците на својот избор, ние сме одговорни за своите гласачки избори. Народот е одговорен за настанокот и постоењето на мициленд, веројатно дури и за неговото потекло. Мошне предупредувачки звучат и злокобните зборови на Гебелс дека народот не заслужува повеќе да постои и има држава после таквиот пад, а денес би се рекло, после таквиот историски неодговорен гласачки избор во 2024 година. Патем, во тој контекст, смешно ми е кога гледам дека оние кои го избраа режимот сега се жалат од него – на него, на пример за повисоки плати во државни институции кои следувале демек според некои пресметки. Нема повисоки плати додека режимот не каже дека ќе има, ма каков закон, какви договори колективни во култура и слични небитни работи за режим. Па, си ги гласавте, сега трпете си ги. Маката е што и ние што не сме ги гласале ќе ги трпиме, меѓутоа барем политичката совест ни е чиста, нашата одговорност е помала од вашата. Да, имаше и има гебелсовска-ждановистичка пропаганда и големи лаги за да се гласа за мицковистичко дпмне, и припростите бездруго беа подложни на истата, меѓутоа, голем дел од луѓето што гласаа за нив точно знаеја за што гласаат, напати со калкулации за некаква корист, и не можат сега магично да ја оттргнат од себеси одговорноста за постоњето на овој режим.
Со сета почит кон херојските примери на отпор и бунт (како овој сега на Сојузот на синдикати, претходно на Данела, иконата на отпорот кон мицињата), сосема сум сигурен дека овој режим ќе станува се полош и полош и ќе трае уште многу, многу долго, со опасност дека неговиот крај – крајот на мициленд – може да биде и крај на оваа, каква-таква држава. Со други зборови, за жал, мора да се навикнете на овој режим, кој не може да биде победен на избори посебно не без техничка влада во последните сто дена до избори – па токму затоа и ќе ја укинат, притоа знаејќи дека следните избори на кои за последен пат ќе има техничка влада секако ќе ги добијат со огромни бројки. Мициленд е чисто зло кое практично ќе биде невозможно да се победи на избори, но дури и самиот обид за изборна победа над режимот бара стотици дејства и подготовки на еден масимално ангажиран народен фронт против тиранија, а засега не само што нема назнаки дека такво нешто е можно воопшто да се случи туку токму напротив, како дури и опозицијата да е дел од мициленд, според релевантни показатели, и дел од режимот со тоа што го поддржува (можеби буквално договорено) преку своите ирационални а често и многу глупави дејства и „политики“, на што последно укажа и Госпоѓа Софија Куновска. На пример, Венко од Сдсм како да живее во Србија и таму гради политичка кариера бидејќи како повеќе да се занимава со уривање на власта таму, отколку овде. Со своите партиски соопштенија стана главна ѕвезда во тајкунските, шолакови медиуми на шарените српски соросоиди и денгубџии блокадери, а во пауза меѓу шокантните соопштенија го поставил Маричич (!) на скапо платена и многу важна државна функција, го „интегрирал“ Р. Земон сосе некоја си негова партија во Сдсм (!), па за очекување е дека, кај и да е, уште и оној Никола Димитров може ќе го врати во Сдсм, за таман помалку пратеници од левица да има на следните избори за режимот да продолжи мирно да постои и се развива. Вакво Сдсм е фарса на опозиција на режимот во мициленд, вакво Сдсм е всушност дел од режимот на мициленд, за вакво Сдсм нема да гласа народот, вакво Сдсм е „целосно удавено во муртинскиот бунар“, како што тоа остроумно го опиша Б. Атанасоски.
Нема надеж за нас, не-мицињата во мициленд. Нема надеж за Македонија во мициленд. Како и Господ да го напушти ова тажно, очајно парче земја, мициленд.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.