Стартува целосна примена на „Безбеден град“, од денеска сите прекршоци се казнуваат

Од денеска системот „Безбеден град“ функционира во полн капацитет, без изрекување опомени, сите регистрирани сообраќајни прекршоци ќе се санкционираат со парични казни.

од desk4
24 прегледи Фото: Фејсбук/МВР

Ова го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување во Дневникот на Македонската телевизија.

Министерот информираше дека од вчера е во сила нов Правилник, со кој е зголемена толеранцијата при мерење на брзината, по бројните реакции од јавноста во почетната фаза на имплементација на системот.

Според новите правила, при ограничување од 30 километри на час, прекршок ќе се евидентира од 37 км/ч. Кај ограничување од 50 км/ч, санкција следува при 60 км/ч, додека при дозволени 100 км/ч, казна ќе се изрекува од 113 км/ч.

Тошковски најави и дополнителен проект што ќе се реализира во наредните денови со поддршка на Македонски телеком. За прекршоци направени во рамки на дозволената толеранција, граѓаните ќе добиваат информативни СМС-пораки, без парична казна, како предупредување дека ја надминале дозволената брзина.

„И во тие случаи, ако со таква брзина се предизвика сообраќајна незгода со тешки последици, ќе следи кривична одговорност“, предупреди министерот.

Тој нагласи дека целта на „Безбеден град“ не е полнење на буџетот, туку зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди, повредени и загинати лица.

Со новиот правилник, толеранцијата по брзински категории изнесува:
– до 50 км/ч: 6 км/ч
– од 50 до 100 км/ч: 9 км/ч
– над 100 км/ч: 12 км/ч

Надлежните апелираат возачите строго да ги почитуваат сообраќајните правила, бидејќи од денес системот се применува без исклучоци.