Од регулација до неконтролирана продажба: ризикот од сив пазар со новиот закон за пушење

Забраната за продажба на вејпови со вкусови и ароматизирани никотински производи, предвидена со новиот Закон за заштита од пушење, може да има несакани последици. Наместо целосно намалување на нивната употреба, ваквите рестриктивни мерки отвораат простор за појава и ширење на нелегален пазар.

од Vladimir Zorba
10 прегледи Фото: Локално

Забраната за продажба на вејпови со вкусови и ароматизирани никотински производи, предвидена со новиот Закон за заштита од пушење, може да има несакани последици. Наместо целосно намалување на нивната употреба, ваквите рестриктивни мерки отвораат простор за појава и ширење на нелегален пазар.

Во услови кога производите би се продавале надвор од официјалните канали, државата би ја изгубила контролата врз нивниот состав и квалитет. Потрошувачите би биле изложени на сериозни здравствени ризици, бидејќи нелегалните вејпови не подлежат на никакви безбедносни стандарди или лабораториски тестирања.

Практиката од други пазари покажува дека забраните честопати водат до токму вакви сценарија – нелегална понуда, непознато потекло и производи со сомнителен состав. Во одредени случаи, анализите на вакви производи покажале присуство на штетни и опасни материи, што ја доведува во прашање нивната безбедност.

Царината неодамна веќе информираше за случај на пронајдени вејпови без бандерола, иако Законот се уште не е усвоен. Настанот се случил во дуќан во Струга, а производите биле во вредност од над 1,8 милиони денари.

„При контролата пронајдени се 1.027 кутии цигари, 1.387 електронски цигари (вејпови), 530 парчиња цигарилоси, 503 пакувања тутун за наргиле, 77 пури и 19 пакувања тутун за пушење, без акцизни маркички. Со акцијата е спречен обид за нелегална трговија на акцизна стока, за која е избегнато плаќање акциза во износ од 509 илјади денари. Против сторителите е поведена соодветна постапка.“, соопшти Царината.

Во регионот, најголеми предизвици со нелегалните вејпови има соседна Бугарија, откако тамошното Собрание летоска усвои законски измени со кои се забранува продажбата на вејповите за еднократна употреба. Сега таму расте шверцот на овие производи, но и нарачките преку интернет од странство. Еден од последните обелоденети случаи е на аеродромот во Софија.

„Службениците на царинскиот пункт спречија обид за нелегален увоз на електронски цигари. Инцидентот се случи на 12 јануари 2025 година, кога беше извршен темелен преглед на двајца патници. Прекршителите се кинески државјани кои пристигнаа во Бугарија со лет од Турција. За време на прегледот, во багажот на патниците се пронајдени вкупно 169 шверцувани електронски цигари од типот „vape“, како и уреди и течности кои немаат задолжителна акцизна марка.“, информира бугарската Царина.

Претходно, како што соопшти Царината во Бугарија, скоро три илјади нелегални вејпови за еднократна употреба од типот „vape“ биле откриени во пратка пронајдена во шпедициски терминал во Софија, а биле испорачани од Кина, со назнака дека се водоотпорни спрејови.

Софиската полиција неодамна во акција откри над 2.000 вејпови и голема количина никотински ќесички со вкус и тутун, без бандерола, во подземни гаражи во центарот на градот.

„Потеклото на оваа стока е главно од Русија. Станува збор за многу голема количина, која најверојатно ќе го оштети буџетот за, би рекла, над 1 милион лева, доколку оваа стока се пушти на пазарот“, изјави заменик началничката на полицијата Нина Петкова.

Проблемот со шверцот на вејпови е глобален. Сериозни предизвици има и полицијата во Австралија откако земјата ја забрани продажбата на вејпови, освен во аптеките каде со упат од матичен лекар овој производ можат да го купат оние кои сакаат да се откажат од цигари. Комесарот на полицијата на Западна Австралија, Кол Бланч за телевизијата ABC, изјави дека сопствениците на маркети стравуваат како од полицијата, така и од криминалците кои рекетираат за да се врши продажба „на црно“.