Биткоинот нагло падна поради преоценка на очекувањата за каматните стапки во САД

Биткоинот во саботата забележа остар пад откако инвеститорите повторно ги преоценија изгледите за каматните стапки во САД, по номинацијата на Кевин Ворш за претседател на Федералните резерви.

од desk4
15 прегледи Фото: Принтскрин/Еј-Би-Си Њуз

Цената на биткоинот во петокот се движеше околу 84.000 долари, но во саботата нагло падна и во моментот на пишување изнесуваше околу 77.900 долари. Тоа претставува пад од повеќе од 7 отсто во последните 24 часа и приближување кон нивоата забележани последен пат кога Доналд Трамп беше избран за претседател во 2024 година, пренесе Forbes.

На својот врв во октомври, биткоинот достигна цена од 126.198 долари, но оттогаш генерално бележи надолен тренд. Инвеститорите се повлекуваат од поризичните средства поради неизвесноста околу идниот правец на монетарната политика на ФЕД.

Падот не беше ограничен само на биткоинот. И поширокиот криптопазар ослабе оваа недела, при што водечките токени како етереум, BNB, XRP и солана изгубија најмалку 10 отсто од вредноста во изминатата недела, според податоците на CoinDesk.

Падот на биткоинот следеше во период кога златото претходно неделава ја надмина рекордната цена од 5.300 долари, по што и тоа почна да слабее по веста за номинацијата на Ворш. Ова се совпадна со зајакнување на американскиот долар, кој го забележа најголемиот раст од мај наваму, според Bloomberg.

Ворш – „јастреб“ во монетарната политика

Иако Ворш во минатото позитивно зборуваше за биткоинот, нарекувајќи го „ново злато“ за лица под 40 години во интервју од 2021 година, неговата номинација сепак се смета за потенцијално негативна вест за криптовалутите. Во 2025 година тој изјави дека биткоинот не го загрижува, а во јули рече дека „со секој нов ден, биткоинот добива нов живот како алтернативна валута“.

Сепак, според основачот на компанијата 10x Research, Маркус Тилен, Воршовото нагласување на монетарната дисциплина, повисоките реални каматни стапки и намалената ликвидност значи дека криптовалутите не се гледаат како заштита од обезвреднување, туку како шпекулативен вишок кој исчезнува кога ќе се повлече лесната монетарна политика.

Ворш важи за „јастреб“ во монетарната политика и има сигнализирано поддршка за рамки за дигитални валути на централните банки. Неговата номинација ги промени очекувањата за каматните стапки, клучен фактор за цените на криптовалутите. Кога се очекува каматните стапки да останат високи, инвеститорите често го повлекуваат капиталот од поризични вложувања како криптовалутите и го насочуваат кон посигурни инвестиции.