Сателитски снимки покажуваат дека Русија обновува напуштена воена база во Петрозаводск, во Република Карелија, во непосредна близина на границата со Финска, со цел таму да бидат сместени до 15.000 војници. Станува збор за новоформираниот 44. армиски корпус, објави финската јавна телевизија Yle, повикувајќи се на анализи на сателитски снимки.
Снимките прикажуваат поранешен гарнизон во близина на електраната Рибка, кој бил напуштен од почетокот на 2000-тите, а сега е расчистен од вегетација и подготвен за нова намена. До октомври минатата година на локацијата биле забележани повеќе од 50 воени камиони и други возила. Во Петрозаводск веќе постојат голема воздухопловна база и складишта за воена опрема, а во тек е и изградба на нови работилници.
Локалните руски медиуми наведуваат дека изградбата на нови касарни во Петрозаводск треба да започне во текот на оваа година. Русија го формираше 44. армиски корпус во Карелија уште во 2024 година, со што беа додадени околу 15.000 војници. Дел од нив веќе пристигнале во регионот, поради што се градат објекти за сместување и обука.
Russia is quietly restoring a Soviet-era military base in Karelia, near Finland.
No announcement. No transparency. Just troops, construction, and satellite proof.
This is what escalation looks like before it’s named.https://t.co/jSSceBQ53f pic.twitter.com/fHOINgAFjs— Lew Anno Support#Israel #Ukraine 24/2-22 (@anno1540) February 1, 2026
Воен аналитичар и поранешен припадник на финската разузнавачка служба, Марко Еклунд, изјави за Yle дека е веројатно оти војниците од 44. корпус се подготвуваат за испраќање на фронтот во Украина. Тој додаде дека паралелно се гради и ново воено населено место во Кандалакша, во Мурманска област.
Во меѓувреме, Финска и Шведска на 27 септември минатата година формираа заедничка бригада со околу 5.000 војници, која ќе биде стационирана во Лапонија, во близина на руската граница. Финската воена разузнавачка служба на 22 јануари соопшти дека Русија не се откажала од обидите за оштетување на подводната инфраструктура во Балтичко Море.