Големи нереди во Торино, над 100 полицајци повредени на протестите

Повеќе од сто припадници на безбедносните сили се повредени за време на масовните протести во Торино, организирани поради затворањето на левичарскиот културен центар „Аскатасуна“, соопштија денеска италијанските власти.

од desk4
32 прегледи

Повеќе од сто припадници на безбедносните сили се повредени за време на масовните протести во Торино, организирани поради затворањето на левичарскиот културен центар „Аскатасуна“, соопштија денеска италијанските власти.

По судирите меѓу полицијата и демонстрантите во саботата, приведени се десет лица, додека за двајца демонстранти се издадени налози за апсење. Засега нема официјални податоци за бројот на повредени меѓу учесниците на протестот.

Протестите беа организирани како реакција на затворањето на културниот центар „Аскатасуна“, кој со децении претставуваше место за собирање и активности на левичарската сцена во Торино, а беше затворен непосредно пред Божиќ. Според проценките, околу 15.000 луѓе марширале низ центарот на градот, при што дел од нив носеле палестински знамиња, по што протестот прераснал во насилни нереди.

За време на инцидентите, кон полицијата биле фрлани камења и други предмети, биле користени запаливи направи, а запалени биле и контејнери за отпад, како и едно полициско возило. Безбедносните сили одговориле со солзавец и водени топови, обидувајќи се да ја растурат толпата.

Властите потврдија дека 29-годишен полицаец се здобил со тешки повреди, но неговата состојба не е критична.

 

Нередите беа остро осудени од италијанската крајнодесничарска влада, која ги оцени како „напад врз државата“. Премиерката Џорџа Мелони ги обвини учесниците во насилствата за обид за убиство.

Од друга страна, левичарските активисти ја обвинуваат владата за селективен пристап и тврдат дека администрацијата се пресметува со левичарските институции, додека, според нив, не реагирала во случаи кога крајнодесничарски групи окупирале одредени објекти.