Демографскиот пад на Полска се продлабочи лани: „Нема кој да има деца“

Демографската криза во Полска дополнително се влоши во 2025 година, откако земјата регистрира околу 168.000 повеќе починати отколку новородени. Ова е 13-та последователна година со негативен природен прираст.

од desk4
21 прегледи

Демографската криза во Полска дополнително се влоши во 2025 година, откако земјата регистрира околу 168.000 повеќе починати отколку новородени. Ова е 13-та последователна година со негативен природен прираст.

Според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика (GUS), бројот на жители се намалил за 157.000 и изнесува 37,33 милиони. Годишниот пад од 0,42 отсто е поголем од оној во 2024 година (0,39 отсто). Од GUS предупредуваат дека, поради една од најниските стапки на наталитет во светот и продолженото иселување на младите, шансите за пресврт се мали.

„Ниската стапка на фертилитет, присутна со децении, ќе продолжи да влијае врз наталитетот, особено поради систематското намалување на бројот на жени во репродуктивна возраст. Дополнителен фактор е и високото иселување“, наведуваат од статистичката служба.

Директорката на Институтот за статистика и демографија при SGH, Агњешка Хлон-Домињчак, оценува дека брз опоравок не е реален. „Надежите дека Полска ќе остане земја со 40 милиони жители веќе не постојат. Генерацијата која треба да има деца станува сè помала“, вели таа.

Сè поголем јаз меѓу родени и починати

Во 2025 година се родиле 238.000 деца (14.000 помалку од претходната година), а починале 406.000 лица (3.000 помалку од 2024). Разликата од 168.000 е највисока од пандемиската 2021 година.

Стареење и притисок врз работната сила

Овие трендови ја менуваат и структурата на населението. Лани, 24,2 отсто од жителите биле над возраста за пензионирање (60 години за жени, 65 за мажи), наспроти 22,2 отсто во 2020 и 12,8 отсто во 1990. Уделот на работоспособното население паднал на 58,1 отсто, а на децата (под 18 години) на 17,7 отсто.

Стапката на зависност – број на издржувани лица на 100 работоспособни, изнесувала 72. Од нив, 42 биле лица во пензиска возраст и 30 деца, што значи поголем товар врз пензискиот и здравствениот систем.

Заменик-директорот на Полскиот економски институт, Анджеј Кубисјак, предупредува дека Полска „старее најбрзо во ЕУ“ и дека без миграции пазарот на труд може да се соочи со сериозни проблеми.

Зошто мерките не успеваат

И покрај државните стимули, зголемени детски додатоци и повторно финансирање на медицински потпомогнато оплодување, падот не е запрен. Социологинката Ана Громада смета дека причините се подлабоки од финансиските: „Основниот проблем не е недостаток на желба за деца, туку тешкотијата да се најде партнер“, вели таа, зборувајќи за „епидемија на осаменост“.

Аналитичарите дополнително посочуваат економска несигурност, недостиг од пристапно домување и рестриктивниот закон за абортус како фактори што ги одвраќаат младите од родителство.

Иако бројот на вработени лани достигна историски максимум, благодарение на подолгото останување на работа и поголемото вклучување на жени, надлежните предупредуваат дека миграциите не можат целосно да го надоместат демографскиот пад. Според експерименталните проекции на GUS, населението на Полска до 2060 година може да се намали на 29,4 милиони жители.