Левица: Со минимална плата од 397 евра, државата практично признава дека трудот на илјадници луѓе вреди помалку од основната потрошувачка кошничка

„Ако по три децении транзиција вашата конкурентност сè уште се темели на ниски плати, тогаш проблемот не е во работникот туку проблемот е во економската политика“, истакнаа од партијата на Апасиев

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Левица забележува дека минималната плата во Македонија денес е најјасниот показател за лошите економски политики што со години ги водат владејачките елити. Според партијата, додека речиси сите земји во регионот вклучително и оние со послаба економска основа од нашата, презедоа сериозни чекори за зајакнување на позицијата на работниците и за раст на платите, Македонија останува заглавена на дното.

„Бројките се немилосрдни. Црна Гора за помалку од три години ја зголеми минималната плата од 250 на 600 евра – тоа е политичка одлука а не економско чудо. Србија, БиХ и Албанија исто така покажуваат дека кога постои волја платите можат да растат побрзо од инфлацијата. Само кај нас, „реформите“ се сведуваат на козметички корекции кои уште пред да стигнат на сметка веќе се изедени од цените во маркетите, сметките за струја и кириите.

Со минимална плата од 397 евра, државата практично признава дека трудот на илјадници луѓе вреди помалку од основната потрошувачка кошничка. Тоа е економски апсурд и морален скандал. Уште полошо, Власта се крие зад флоскулите за „продуктивност“ и „реалниот сектор“, како работниците да се виновни што економскиот модел е нефункционален. Ако по три децении транзиција вашата конкурентност сè уште се темели на ниски плати, тогаш проблемот не е во работникот туку проблемот е во економската политика. Земјите што ги гледаме околу нас покажуваат дека зголемувањето на минималната плата не ја уништува економијата, туку ја турка кон повисока додадена вредност и поголема внатрешна побарувачка“, порачуваат од Левица.

Од партијата се децидни дека минималната плата не е подарок од државата, туку темелна мерка за основно човечко достоинство.

-Сè што е под тоа ниво е отворено признание дека системот е дизајниран да работи против мнозинството, а во корист на малкумина. Со други зборови: проблемот не е што немаме пари. Проблемот е што немаме политичка волја тие пари да завршат кај тие што ги создаваат.

Левица инсистира на итни мерки за заштита на граѓаните: зголемување на минималната плата, ефективна контрола на цените на основните продукти, унапредување на социјалните мерки и транспарентност во монетарната и фискалната политика. Воведување на прогресивен и фер даночен систем кој ќе обезбеди олигарсите и најбогатите да плаќаат поголеми даноци во интерес на сите граѓани, стои во партискиот став.