Американската компанија SpaceX ја измени својата политика за приватност на сателитскиот интернет-сервис Старлинк, со што се овозможува користење на податоци од корисниците за обука на модели на вештачка интелигенција, доколку корисниците експлицитно не ја исклучат таа опција.
Промената доаѓа во чувствителен момент за компанијата на Илон Маск, во пресрет на најавената иницијална јавна понуда на акции подоцна оваа година. Во меѓувреме, SpaceX преговара за можно спојување со компанијата за вештачка интелигенција xAI, која исто така е во сопственост на Маск.
Според агенцијата Хина, SpaceX моментално е највредната приватна компанија во светот, а по излегувањето на берза нејзината пазарна вредност би можела да надмине 1.000 милијарди долари.
Старлинк, кој обезбедува брз сателитски интернет на глобално ниво, ја ажурираше својата глобална политика за приватност на 15 јануари. Во новата верзија е вметната одредба според која податоците може да се користат „за обука на модели на машинско учење или вештачка интелигенција“ и да се споделуваат со даватели на услуги и „трети партнери“, без дополнително прецизирање.
Во претходната верзија на политиката за приватност од ноември, во која имал увид Ројтерс, ваква одредба за користење на податоците за обука на вештачка интелигенција не постоела.
Старлинк собира големи количини кориснички податоци, вклучувајќи информации за локација, податоци за кредитни картички и IP-адреси, како и таканаречени комуникациски податоци што може да содржат аудио- и видео-материјали и различни типови датотеки. Засега не е прецизирано кои конкретни податоци ќе се користат за обука на системите за вештачка интелигенција.
Овој потег предизвика загриженост кај застапниците за заштита на приватноста и кај организациите за заштита на правата на потрошувачите, кои предупредуваат дека користењето лични податоци за развој на вештачка интелигенција може да доведе до проширување на надзорот и да отвори простор за нови злоупотреби.