Од Владата не дојдоа во ССМ за да потпишат зголемување на минималецот, Трендафилов: Приоритети се во прашање, а нивните не се за зголемување на платите

„Барањето на поединци за укинување на Општиот колективен договор значи вработените да останат без јубилејни награди, без К-15 (образование, здравство, одбрана, полиција и др.), без додатоци за плата кои беа зголемени со Општиот колективен договор за јавен сектор“, тврди првиот човек на ССМ

од Nikola Popovski
29 прегледи Фото: Фејсбук/Слободан Трендафилов

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов објави дека утрово во 9 часот како Синдикат го чекале претставникот на Владата да дојде и да ја потпишат Спогодба за утврдување на висината на минималната плата во бруто – износ започнувајќи со исплатата за месец февруари 2026 година со која минималната плата се зголемува на 600 евра во нето, а останатите плати се зголемуваат за најмалку 6000 денари.

„Денеска, паднаа маските, се разобличија лагите кои претставникот на Владата ги изјавуваше изминатите денови за да створат сомнеж кај работниците, денеска не дојде како што го поканивме, денеска тие имаа други приоритети, а се потврди дека не им е приоритет зголемувањето на работничките плати ниту зголемување на минималната плата, ниту зголемување на останатите плати.

Но, мала криза и одма почнаа да наддаваат со зголемување на работничките плати, па така за борбата што ја водеше Синдикатот на УПОЗ скоро една година, за она што протестираа работниците во управата, она што тие од Владата одбиваа да го направат, денеска зборуваат дека ќе го прават.

Добро е што претставникот на Владата по големиот работнички протест го прифати предлогот на Синдикатот на УПОЗ за зголемување на платите во управата и правосудството, а требаше веднаш и без одлагање да го потпишат колективниот договор“, објави Трендафилов.

Првиот човек на ССМ потенцира дека денеска требаше да ги зголемат и платите на вработените во управата за 40 %, но од Владата не се појавиле на потпишувањето на спогодбата и на колективните договори. Дополнително, Трендафилов објаснува дека работниците во јавниот сектор треба да знаат дека барањето за укинување на одредбите од Општиот колективен договор во делот за пресметка на плата (просечна плата по коефициент за сложеност) иста како на функционерите, значи намалување односно откажување од работничките плати за x(12,6%) + y(9,2%) = z(21,8%) за 130.000 работници во јавниот сектор или во парички, да им земат 3 парички на работниците, а да им дадат 1 паричка што е недозволиво.

„Дополнително, барањето на поединци за укинување на Општиот колективен договор значи вработените да останат без јубилејни награди, без К-15 (образование, здравство, одбрана, полиција и др.), без додатоци за плата кои беа зголемени со Општиот колективен договор за јавен сектор. Го поставуваме прашањето дали оваа Влада не само што не сака да им даде зголемување на платите на работниците, туку сака да им земе се на работниците!?“, прашува Трендафилов.

„Нека се одважи гранковиот синдикат УПОЗ да потпише и тогаш и 7.700 државни административци ќе добијат за две години и два месеца зголемување од 40 проценти на плата. Неважно е каде ќе се сретнеме, во ССМ или во Владата“  – вака ја коментира премиерот Христијан Мицкоски фрлената ракавица од првиот синдикалец, кој за денеска побара да го потпишат колективниот договор за зголемени плати, односно за минимална од 600 евра.

Мицкоски повтори дека договор е потребен меѓу работодавачите и работниците, а Владата како набљудувач договореното ќе го почитува.

Синдикатите бараат 600 евра минимална плата и 6.000 денари зголемување на сите други. Протестите велат ќе преминат во штрајкови ако не се исполнат барањата.