Прва правосилна пресуда во БиХ за говор на омраза кон ЛГБТИ лицата

Кантоналниот суд во Сараево донесе прва правосилна пресуда во Босна и Херцеговина со која е утврдена дискриминација и говор на омраза врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет и полови карактеристики. Пресудата се однесува на јавен истап на поранешната пратеничка во Собранието на Кантонот Сараево, Самра Ќосовиќ-Хајдаревиќ.

од desk4
9 прегледи

Кантоналниот суд во Сараево донесе прва правосилна пресуда во Босна и Херцеговина со која е утврдена дискриминација и говор на омраза врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет и полови карактеристики. Пресудата се однесува на јавен истап на поранешната пратеничка во Собранието на Кантонот Сараево, Самра Ќосовиќ-Хајдаревиќ, пренесе Кликс.ба.

Судот утврдил дека објавата што Ќосовиќ-Хајдаревиќ ја споделила на Фејсбук во 2019 година, по најавата на првата Парада на гордоста во БиХ, содржела повици за сегрегација, изолација и дискриминација на ЛГБТИ лицата. Во објавата таа јавно се залагала овие лица да бидат „изолирани и отстранети од општеството“, што, според судот, претставува недозволен говор на омраза.

Тужбата против неа ја поднел Сараевскиот отворен центар, кој претставува организација која работи на унапредување на човековите права на ЛГБТИ лицата и жените. Првостепената пресуда била донесена уште во 2022 година од Општинскиот суд во Сараево, а по жалбата на тужената, второстепениот суд ја отфрлил жалбата како неоснована и ја потврдил одлуката.

Со правосилната пресуда, Ќосовиќ-Хајдаревиќ е обврзана јавно да ја објави судската одлука во два печатени медиума, како и да ги плати судските трошоци на постапката.

Адвокатката Џенана Хаџиомеровиќ оцени дека судот јасно потврдил оти изјавата од 1 април 2019 година претставува говор на омраза, иако Законот за забрана на дискриминација експлицитно не го користи тој термин. Според судското толкување, ваквото однесување спаѓа под забранетите форми на вознемирување и поттикнување на дискриминација.

Пресудата се оценува како пресвртна точка за заштитата на човековите права во Босна и Херцеговина, бидејќи за првпат судска инстанца недвосмислено потврдува дека сексуалната ориентација, родовиот идентитет и половите карактеристики се реални и применливи основи за заштита од дискриминација. Иако овие категории се дел од законодавството уште од 2009 година, биле потребни речиси десет години за да се донесе првата правосилна пресуда од ваков вид.