Домашен модел од 9.500 долари ја симна Тесла од тронот: Ова е најпродаваниот автомобил во Кина

Кинескиот автомобилски пазар доби нов лидер. Малиот електричен хечбек Geely Galaxy Xingyuan стана најпродаваниот модел во Кина во текот на 2025 година, со вкупно 465.775 новорегистрирани возила, со што беше прекината двегодишната доминација на Tesla Model Y.

од desk4
15 прегледи

Кинескиот автомобилски пазар доби нов лидер. Малиот електричен хечбек Geely Galaxy Xingyuan стана најпродаваниот модел во Кина во текот на 2025 година, со вкупно 465.775 новорегистрирани возила, со што беше прекината двегодишната доминација на Tesla Model Y.

Станува збор за целосно електричен субкомпактен автомобил, познат на извозните пазари како Geely EX2, кој беше претставен во 2024 година. Со должина од 4.135 милиметри, моделот директно се натпреварува со градски електрични возила како BYD Dolphin, Wuling Bingo и Aion UT.

Купувачите ги привлекуваат едноставниот дизајн, солидната основна опрема и исклучително конкурентната цена. Во Кина, Galaxy Xingyuan се продава по цена од 65.800 до 95.800 јуани, односно приближно од 9.500 до 13.800 американски долари, што го прави еден од најдостапните електрични автомобили на пазарот.

На второто место се искачи Wuling Hongguang Mini EV, со 435.599 продадени примероци, што претставува раст од дури 82 проценти во однос на претходната година. Новата генерација на овој модел донесе освежен изглед и попрактична петвратна каросерија.

Поранешниот лидер Tesla Model Y, кој беше најпродаван автомобил во 2023 и 2024 година, се најде на третата позиција со 425.337 испораки, што е пад од 11,5 проценти и покрај спроведениот голем редизајн. По него следи BYD Qin Plus со 387.315 продадени возила, додека Nissan Sylphy (познат и како Sentra) е на петтото место и останува најпродаваниот класичен модел без електрификација.

Особено внимание привлече и влезот на Xiaomi SU7 меѓу првите десет, со 258.164 продадени автомобили, со што го надмина и Tesla Model 3.

Според податоците на Кинеското здружение на производители на патнички автомобили (CPCA), домашните брендови сега контролираат околу 65 проценти од пазарот. BYD останува најголем производител со 3,48 милиони продадени возила, додека Geely е втор со силен годишен раст од 47 проценти.

Во исто време, странските производители, меѓу кои и Toyota и Honda, сè потешко ја следат кинеската конкуренција на најголемиот автомобилски пазар во светот.