Германскиот индустриски гигант во криза: „Бош“ укинува 20.000 работни места

Германскиот индустриски гигант Bosch официјално потврди дека планира укинување на околу 20.000 работни места, откако профитот на компанијата минатата година речиси се преполовил.

од desk4
9 прегледи

Германскиот индустриски гигант Bosch официјално потврди дека планира укинување на околу 20.000 работни места, откако профитот на компанијата минатата година речиси се преполовил. Одлуката ја отсликува сè поголемата криза во германскиот производствен сектор и дополнително го зголемува притисокот врз политичарите во Берлин да понудат одржливо решение.

Извршниот директор на „Бош“, Штефан Хартунг, изјави дека „економската реалност јасно се огледува и во нашите резултати“, опишувајќи ја 2025 година како „тешка и, во одредени сегменти, болна“ за компанијата, која е еден од водечките светски добавувачи на автомобилски делови.

Овој потег доаѓа во време кога германската автомобилска индустрија, со децении столб на националната економија, се соочува со забрзано опаѓање. Според студија објавена во 2025 година, само во текот на минатата година во Германија биле укинати повеќе од 50.000 работни места во автомобилскиот сектор.

Истовремено, официјалните податоци покажуваат дека стапката на невработеност во земјата пораснала на 6,6 проценти, што е претставува највисоко ниво во последните дванаесет години. Во јануари бројот на невработени надминал три милиони лица, што дополнително ја засилува загриженоста за економската стабилност.

Како што пишува Politico, некогашниот „крунисан бисер“ на германската економија денес се соочува со сериозни предизвици од типот на строгата политика за електрични возила, високите трошоци за енергија и агресивната конкуренција од кинеските производители сè повеќе ја поткопуваат конкурентноста на секторот. Со слабеењето на добавувачите, ризикот се префрла од понизок профит кон трајна загуба на пазарната позиција.

Во таков контекст, владата на канцеларот Фридрих Мерц е под сè поголем притисок од работниците, синдикатите и индустриските лидери да ја преиспита германската индустриска стратегија. Сè погласни се сомнежите, не само во Германија туку и низ Европа, дали земјата ќе успее да ја задржи улогата на водечка економска сила во услови на длабоки структурни промени.