Јавното обвинителство отвори предмет за заплената на пет тони марихуана

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија отвори предмет по заплената на околу пет тони марихуана, која транзитирала преку македонска територија и била откриена од надлежните органи во Република Србија.

од desk4
14 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Сител

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија отвори предмет по заплената на околу пет тони марихуана, која транзитирала преку македонска територија и била откриена од надлежните органи во Република Србија.

Од Обвинителството информираат дека е воспоставена континуирана комуникација и координација со српските институции со цел целосно расветлување на случајот и утврдување на сите лица и структури инволвирани во нелегалниот транспорт.

„Веднаш по добивањето на информациите, започната е размена на податоци и координација на активностите со надлежните органи во Србија, со цел ефикасно процесуирање на предметот“, соопштуваат од Јавното обвинителство.

Истрагата е насочена кон утврдување на начинот на кој големата количина наркотична дрога ја поминала државната граница, како и кон идентификација на евентуална логистичка поддршка на територијата на Северна Македонија.

Во рамки на случајот, во Србија е приведено лице поврзано со фирма од Скопје регистрирана за производство на медицински канабис.

Од Обвинителството нагласуваат дека ќе се постапува со целосна кривично-правна одговорност и дека јавноста ќе биде навремено информирана за сите понатамошни активности поврзани со истрагата.