Димитриеска Кочоска: Да не ги мешаме работите – Владата ги покрива платите на пензионерите и администрацијата, а приватниот сектор не е дел од тоа

-Тоа беше предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ што е комплетно поразлично од ова што сега го зборувавме. Како и да било, тоа е програма што ја гласале мнозинството граѓани кои што излегле да гласаат на изборите во 2024, вели министерката за зголемувањето на пензиите линеарно за пет илјади денари

од Nikola Popovski
59 прегледи Фото: Фејсбук

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска смета дека зголемувањето на пензиите и барањето на ССМ за минималната плата се различни работи. Запрашана зошто Владата бара да се почитува законската формула и методологија за платите, а за пензиите се отиде со линеарно зголемување и политичка одлука, министерката истакна:

-Тоа беше предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ што е комплетно поразлично од ова што сега го зборувавме. Како и да било, тоа е програма што ја гласале мнозинството граѓани кои што излегле да гласаат на изборите во 2024 година. Граѓаните поддржале таков предлог, кажа Димитриеска Кочоска во синоќешната емисија на „360 степени“.

Министерката е децидна дека Законот за минимална плата е тој што е на сила, а кај пензионерите вели дека не го зголемиле купот.

-Владата да ги покрива платите на администрација, а ние тука зборуваме за приватен сектор кој што не е дел од покривањето на платите од Буџетот. Не можеме да ги мешаме работите. Пензионерите се дел од буџетот, платите на администрација се исто така. Треба ли да повториме за колку луѓе вработени во администрација, ајде така да ги кажам, независно дали станува збор за административни или јавни службеници, ние ги зголемивме платите? Зголемивме во здравство, зголемивме во образование, зголемивме во поголем дел од институциите, во МВР каде што се повеќе од 13 000 вработени. Ние сме се погрижиле за нашите вработени, рече, меѓу другото, Димитриеска Кочоска.

В четврток попладне синдикалците ќе седнат на иста маса со премиерот и министрите и ќе преговараат за раст на платите, потврдија од Владата. Оттаму додаваат дека закажаната средба е „конкретен доказ дека Владата не бега од дијалог, туку инсистира да биде сериозен, суштински и насочен кон резултати“. Социјалниот дијалог, велат, се води во институциите, со јасен план и реална намера за изнаоѓање решенија.

Претходно, од ССМ обвинија дека Владата не сакала да се заложи за раст на платите, за што излегоа и на протест.