Тренчевска: Пет тони марихуана не можеш да скриеш во еден камион, како не може да се открие кој е одговорен?

-Го имаме Сејф Сити со камери насекаде. Како не може да се открие кој е одговорен за пропуштањето на овие камиони низ границата, прашува потпретседателката на СДСМ за запленетата дрога во Србија

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Кој ги пуштил 5-те тони марихуана низ границата? Кој ги пуштил? Пет тони не можеш ниту во една кола, дури ни во еден камион. Тука е прашањето како? Го имаме Сејф Сити со камери насекаде. Како не може да се открие кој е одговорен за пропуштањето на овие камиони низ границата, прашува потпретседателката на СДСМ, Јованка Тренчевска за случајот со заплената на дрогата во Србија, a поминала низ македонска територија.

Тренчевска бара од властите да утврдат како камионите поминале низ границата.

-Ова не се крие во кола или гепек. Ова се неколку камиони што поминале низ границата. И денешното формирање на Националниот совет за борба против корупција е смешно затоа што едно зборуваат, а сосема друго прави власта кога се работи за корупција, рече потпретседателката на СДСМ во емисијата „24 анализа“.

Јавното обвинителство во Скопје отвори предмет во врска со заплената на пет тони марихуана во Србија.

Во меѓувреме, Вишиот суд во Белград одреди притвор за три лица по заплената на пет тони марихуана во регионот на селото Коњух, во близина на Крушевац, во централна Србија. Според резултатите од истрагата, марихуаната била набавена во јануари годинава на територијата на Македонија и била транспортирана од организирана криминална група која дејствувала на меѓународно ниво.

Српската полиција оваа акција ја оцени како најголема заплена на марихуана во историјата на земјата, а вредноста на наркотикот се проценува на меѓу седум и десет милиони евра. Српското обвинителство, во меѓувреме, предложи издавање налог за апсење, вклучително и меѓународен, за Александар Мијајловиќ, кој се сомничи дека е организатор на криминалната група и моментално е во бегство.