Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов потсетува дека минатата година работодавачите беа подготвени да ги зголемат платите на работниците за најмалку 6000 денари, ако Владата времено се откаже од придонесите, но, како што вели, поединци во Владата сметаа дека тоа не смее да се дозволи, веројатно за да станат Влада која води најсиромашни работници и Влада која води најсиромашна држава во Европа.
-Доколку минатата година не тераа инат, олеснувајќи го притисокот кон работодавачите за делот на придонесите, денеска работниците ќе имаа за 6000 денари зголемување на нивните плати, а по истекот на временскиот период за кој работодавачите бараат олеснување, сега ќе почнеа со уплата на придонесите за така згоменете плати, со што на месечно ниво ќе се слеваа над 10 милиони евра во буџетот, а на годишно ниво над 120 милиони евра, но веројатно некој во владата мисли дека подбро е да се задолжува и да зема кредити кои ги ќе исплаќаат следните поколенија, објави Трендафилов.
Првиот синдикалец во државата упати и апел до работодавачите и газдите.
-Бизнисот да ја прифати подадената рака на работниците, да ја натераме владата да застане на страната и на бизнисот и на работниците, затоа што бизнисот и работниците одлучуваат кој ќе ја води државата, а ако тој што го избрале не работи во нивен интерес, лесно ќе изберат друг, а доколку не, заедно со работниците преминуваме на следните фази, блокади, протести и Генерален штрајк за што последиците и одговорноста ќе ја имаат исклучиво тие, оценува Трендафилов.
Трендафилов во својата објава сподели и став од синоќешното гостување на министерката за финансии, Гордана Сиљановска-Давкова во една телевиска емисија. На прашање зошто Владата не се водеше од истата логика и за одлуката за зголемување на пензиите линеарно за пет илјади денари иако постоеше закон што предвидуваше како се прави усогласување, министерката вчера одговори дека има разлика бидејќи пензиите биле предизборно ветување.
„Владата во моментот вели дека Законот за минимална плата е тој што е на сила. Кај пензионерите, ние не го зголемуваме купот“, рече, меѓу другото, Димитриеска Кочоска.