Решавање на предизвиците со кои се соочуваат транспортните оператори во земјите од Шенген зоната, како и наоѓање на долгорочни решенија за превозниците, биле главни теми на денешниот конференциски состанок. На средбата учествувале вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков, во присуство на претставници на Европската комисија, вклучително и директорката на Директоратот за проширување, Валентина Суперти.
На овој состанок, како што било истакнато од Министерството за транспорт, присуствуваа и ресорните министри за транспорт, внатрешни работи и евроинтеграции од земјите на Западен Балкан, имено Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија.
„Николоски ја поздрави иницијативата на Европската комисија за надминување на проблемот и, преку аргументирани факти, го претстави ставот на Владата, која бара соодветно решение за овие категории работници, имајќи предвид дека е неопходно да ги извршуваат своите работни обврски во рамките на земјите од Шенген зоната.
Во очекување на конечно решение, Николоски додаде дека е потребно Европската комисија реално да го идентификува проблемот во транспортниот сектор и да обезбеди непречен транспортен тек. Тој нагласи дека во најскоро време треба да се имплементираат соодветни мерки кои ќе обезбедат предвидливост и непречено работење на транспортните компании ангажирани во меѓународниот патен сообраќај“, соопшти Министерството.
Според соопштението, претставниците на Европската комисија ја потврдиле новата визна стратегија на ЕУ, во која превозниците се третираат како професионалци. Било истакнато дека се разгледува можноста оваа категорија работници да биде третирана на исто ниво со пилотите и машиновозачите.
На средбата е потврдено дека биометриската евиденција преку електронскиот систем за влез и излез од/во земјите од Шенген зоната ќе биде одложена од почетокот на април до септември оваа година.
Во меѓувреме, се формира работна група на експертско ниво, која веќе следната недела треба да одржи состанок за да ги материјализира заклучоците од денешната средба на високо ниво.
Од Министерството за транспорт додаваат дека Европската комисија на состанокот ја потенцирала важноста на транспортниот сектор и неговото влијание врз целокупната економија. Најавена е целосна посветеност во изнаоѓање трајно и прифатливо решение кое ќе биде во интерес на сите засегнати страни.
Исто така, било подвлечено дека ова е многу важна тема за Европската Унија и во наредниот период ќе продолжи комуникацијата меѓу сите вклучени страни.