Следната недела синдикатите ќе ги блокираат пратениците, газдите и Владата

ССМ најавува блокади на 10, 12 и 17 февруари

од Nikola Popovski
43 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/360 степени

Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов денеска информира дека следниот вторник синдикатите ќе ги блокираат пратениците, а потоа ќе следуваат и активности насочени кон работодавачите – Стопанската комора, Сојузот на стопанските комори и Организацијата на работодавачи.

Причина за ваквата одлука, според него, е игнорантскиот однос на пратениците кон работниците.

Трендафилов воедно објави дека синдикатите ќе ја блокираат и Владата.

„10 февруари Собрание, 12 февруари газди (СК, ОРМ, БКМ), 17 февруари Влада“, стои во кратката објава на првиот синдикалец во државата.

Од ССМ потсетуваат дека вчера истекол рокот што им бил даден на институциите за да се направат итни измени на Законот за минимална плата, со кои минималецот би се зголемил на 600 евра, а сите останати плати за најмалку 6.000 денари. Бидејќи, како што велат, немало конкретен одговор, синдикатите решиле да ги интензивираат притисоците.

Во опција останува и организирањето на 24-часовен генерален штрајк, а има можност и за организирање на уште еден протест.

-Веројатноста е наредната недела ќе одат со автобус и пешки, како што доаѓаат најголем дел од работниците. Ќе ги чекаме да ги поздравиме и да ги потсетиме дека таму се за нас и дека треба да гласаат. Тоа ќе биде следниот чекор, а за информациите ќе објавиме во понеделник. Дента нема да можат да наплатат патни трошоци. Ќе ги удриме по џебот, рече минатата недела претседателот на ССМ за пратениците.

В четврток попладне синдикалците од УПОЗ ќе седнат на иста маса со премиерот и министрите и ќе преговараат за раст на платите, потврдија од Владата. Оттаму додаваат дека закажаната средба е „конкретен доказ дека Владата не бега од дијалог, туку инсистира да биде сериозен, суштински и насочен кон резултати“. Социјалниот дијалог, велат, се води во институциите, со јасен план и реална намера за изнаоѓање решенија.

„Не знаеме кого Трендафилов чекал, сместувајќи се во празна сала, но едно е кристално јасно, социјалниот дијалог за нас е сериозна и одговорна државна политика, а не средство за политички театар и парадерство пред камери. Јавноста треба да знае дека средбата на премиерот Мицкоски со претставници на синдикатот УПОЗ е закажана и ќе се одржи во Владата во четврток во 16:45 часот“, велат од Владата.

Претходно, од ССМ обвинија дека Владата не сакала да се заложи за раст на платите, за што излегоа и на протест.

Бизнисмените, пак, остануваат на ставот дека до решение ќе се дојде преку дијалог, а не со протести.

Премиерот веќе кажа дека за 7.800 работници што се дел од јавната администрација се подготвени за зголемување на платите од 40% во период од 26 месеци.