Одложена биометриската евиденција за македонските превозници, примената почнува во септември

Примената на електронската биометриска евиденција за влез и излез од земјите на Шенген-зоната за македонските превозници е одложена до септември оваа година, соопштија од Министерството за транспорт. Одлуката била потврдена од страна на Европска комисија на онлајн состанок со македонските власти.

од desk4
11 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ Блиц ТВ

Примената на електронската биометриска евиденција за влез и излез од земјите на Шенген-зоната за македонските превозници е одложена до септември оваа година, соопштија од Министерството за транспорт. Одлуката била потврдена од страна на Европска комисија на онлајн состанок со македонските власти.

Прашањето за надминување на проблемите со кои се соочуваат транспортните компании, како и изнаоѓање долгорочни решенија за превозниците, било тема на заеднички состанок на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков со претставници на Европската комисија, меѓу кои и директорката на Директоратот за проширување Валентина Суперти.

На состанокот учествувале и ресорните министри за транспорт, внатрешни работи и евроинтеграции од земјите на Западен Балкан, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија.

Николоски ја поздравил иницијативата на Европската комисија и нагласил дека е неопходно да се земе предвид спецификата на работата на превозниците, кои поради природата на своите работни обврски мораат често да престојуваат во земјите од Шенген-зоната. Тој посочил дека е потребно ЕК реално да го идентификува проблемот во транспортниот сектор и што поскоро да имплементира мерки кои ќе обезбедат предвидливост и непречена работа на компаниите во меѓународниот патен сообраќај.

Претставниците на Европската комисија, како што се наведува во соопштението, ја потврдиле новата визна стратегија на ЕУ, во која превозниците се препознаени како професионална категорија. Дополнително, било посочено дека се разгледува можноста тие да бидат третирани на ист начин како пилотите и машиновозачите.

На состанокот било потврдено дека примената на биометриската евиденција преку електронскиот систем за влез и излез во Шенген-зоната, наместо од почетокот на април, ќе започне во септември.

Во меѓувреме ќе биде формирана експертска работна група, која веќе следната недела треба да одржи состанок и да ги конкретизира заклучоците од средбата на високо ниво.

Од Европската комисија ја нагласиле важноста на транспортниот сектор и неговото влијание врз економијата, најавувајќи целосна посветеност на изнаоѓање трајно и прифатливо решение во интерес на сите засегнати страни. Владата, пак, повтори дека останува целосно посветена на поддршка на превозниците и ќе ги преземе сите расположливи мерки за обезбедување непречена работа во меѓународниот патен сообраќај.