МАН бара итна реакција од Обвинителството по заканите кон новинар на ТВ „Канал 5“

Македонска асоцијација на новинари (МАН) денеска упати јавен повик до Јавното обвинителство по службена должност итно да преземе мерки против лица кои, како што наведуваат, јавно и со полно име му се закануваат на новинарот и уредник во ТВ „Канал 5“, Александар Видиновски.

од desk4
33 прегледи

Македонска асоцијација на новинари (МАН) денеска упати јавен повик до Јавното обвинителство по службена должност итно да преземе мерки против лица кои, како што наведуваат, јавно и со полно име му се закануваат на новинарот и уредник во ТВ „Канал 5“, Александар Видиновски.

Од МАН информираат дека по објавувањето видео-снимка поврзана со непрописно паркирани возила пред бугарската амбасада, Видиновски бил изложен на серија закани, говор на омраза, ксенофобија и пораки кои поттикнуваат национална нетрпеливост, вклучително и директни закани по неговиот живот.

Според Асоцијацијата, дел од заканите содржат повици на насилство и претставуваат сериозно кривично дело, кое, согласно Кривичниот законик, се квалификува како закана кон службено лице. Во реакцијата се наведува дека заканите не се насочени само кон конкретниот новинар, туку содржат и пораки кои се однесуваат на македонскиот народ и повици за насилно уривање на уставниот поредок на државата.

МАН оценува дека ваквите постапки претставуваат директен притисок врз уставно загарантираната слобода на говор и обид за заплашување со цел спречување на новинарското известување за прекршувања на законите, без разлика дали станува збор за домашни или странски институции и претставништва.

„Со ваквите закани не се загрозува само безбедноста на еден новинар, туку се создава атмосфера на страв која може да има сериозни последици врз слободата на медиумите и врз правото на јавноста да биде информирана“, се наведува во соопштението.

Македонската асоцијација на новинари апелира надлежните институции да постапат итно и ефикасно со цел заштита на новинарите и спречување на понатамошна ескалација на говор на омраза и закани.