Студентите и пензионерите ќе можат легално да работат без губење на правата, најави Министерството за економија

Студентите, пензионерите, невработените и другите категории граѓани ќе можат легално да бидат работно ангажирани без да ги изгубат веќе стекнатите права, со примена на Законот за работно ангажирање лица, изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на презентација одржана во Владата.

од desk4
16 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Студентите, пензионерите, невработените и другите категории граѓани ќе можат легално да бидат работно ангажирани без да ги изгубат веќе стекнатите права, со примена на Законот за работно ангажирање лица, изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на презентација одржана во Владата.

Дурмиши нагласи дека формализацијата на сивата економија е еден од клучните приоритети на Владата, со цел зајакнување на економскиот раст, стабилност на јавните финансии и подобра заштита на работниците. Според податоците на Државен завод за статистика, во 2024 година во земјава биле евидентирани околу 694.000 вработени лица, од кои приближно 85.000 биле неформално ангажирани.

Со новиот закон се воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално работно ангажирање, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Законот овозможува ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери, без притоа да се загрозат нивните социјални, образовни или пензиски права.

Министерот појасни дека корисниците на гарантирана минимална помош нема да ги изгубат социјалните и детските права, невработените ќе останат во евиденцијата и ќе го задржат паричниот надоместок, пензионерите ќе продолжат да ја примаат пензијата, а студентите и учениците ќе ги задржат сите права од образовниот систем.

„Со овој закон испраќаме јасна порака дека државата системски се бори против сивата економија и активно ја поддржува формалната економија. Тоа значи повеќе формални работни места, поголема сигурност за работниците и фер деловна клима за компаниите“, истакна Дурмиши.

Во првата фаза, законот ги опфаќа секторите каде што сивата економија е најизразена, земјоделството, шумарството, рибарството, сместувачките капацитети, угостителството и дејностите во домаќинствата. Според проценките, се очекува формализација на околу 12.000 сезонски работници во земјоделството и уште околу 5.400 лица во туризмот, угостителството и услужните дејности.

Законот предвидува и конкретни придобивки за работниците, како исплата по час, уплата на пензиски и инвалидски придонеси, дополнително здравствено осигурување во случај на повреда при работа, како и јасна правна заштита. За работодавачите, пак, се овозможува поголема флексибилност и поедноставени административни постапки.

Законот за работно ангажирање лица започна да се применува од 1 јануари 2026 година, а изминатиот период беше искористен за техничка и институционална подготовка за неговата целосна имплементација. Министерството најави и промотивна кампања под мотото „Фер ангажман“.

Дурмиши упати благодарност до Германско друштво за меѓународна соработка, Агенција за вработување, Министерство за финансии и Управа за јавни приходи за поддршката во подготовката и имплементацијата на законот.