Левица: Дали антикорупционерката Ристовска која селективно пријавува податоци за фирмите на своите деца, воопшто има легитимитет да одлучува за интегритетот на други?

„Фактот што ДКСК дури сега, по јавното разобличување од Левица, отвора предмети за овој случај, дополнително ја компромитира институцијата и ја потврдува тезата дека без притисок – нема ни институционална реакција“, порачуваат од партијата на Апасиев

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ Сител

Левица соопшти дека изјавата на членката на ДКСК, Цвета Ристовска, дека немала обврска да ги пријави фирмите на своите деца бидејќи „не живеела во исто домаќинство со нив уште од 2017 и 2019 година“, е лесно проверлива и целосно паѓа во вода пред нејзините сопствени документи. Од партијата наведуваат дека при изборот за член на Антикорупциската комисија во 2024 година, Ристовска во анкетниот лист пријавува имот на своите деца (стан, моторно возило, кредитни картички), што недвосмислено значи дека во тој момент самата ги третирала како членови на семејството во смисла на законот и значи дека таа живеела со нив.

-Но токму во тој ист анкетен лист, свесно и намерно ја изоставува фирмата БУСТ ДООЕЛ увоз-извоз, која постои уште од 2020 година, регистрирана на име на нејзиниот син, а во 2024 година добива милионски суми за изборната кампања. Значи, не станува збор за новооснована фирма, ниту за пропуст поради незнаење, туку за селективно прикривање на податок кој бил актуелен и законски релевантен во моментот на пријавувањето!
Оттука, тврдењето дека немала законска обврска поради „неживеење под ист кров“ е ретроактивен изговор, измислен откако фактите излегоа на виделина.

Особено скандалозно е што токму таа е дел од телото кое санкционира функционери за непријавување имотна состојба, неточно, нецелосно или манипулативно пополнување на анкетни листови. Прашањето кое логично се наметнува е дали антикорупционерка која самата селективно пријавува податоци после ова, воопшто има легитимитет да одлучува за интегритетот на други, прашуваат од Левица.

Според опозициската партија, особено индикативна останува и изјавата на претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, дека анкетните листови на членовите на Комисијата „се проверувале секоја година“.

-Ако тоа е вистина, тогаш се поставува прашањето каква е таа проверка кога дури по две години, и тоа по јавно обелоденување од Левица, се открива дека член на ДКСК има непријавени фирми поврзани со најблиското семејство? Фактот што ДКСК дури сега, по јавното разобличување од Левица, отвора предмети за овој случај, дополнително ја компромитира институцијата и ја потврдува тезата дека без притисок – нема ни институционална реакција.

Што се однесува до „интегритетот“ и тврдењата за редовно изземање, доволно е да се потсетиме на јавноста добро познатиот случај со спорната диплома на директорот на АНБ, Бојан Христовски. Токму кај Цвета Ристовска „се падна“ предметот, и покрај фактот што таа е предавач на истиот Универзитет за туризам и менаџмент, по што Комисијата утврди дека ништо не е спорно. Тоа е најјасниот доказ дека неизземањето за неа е пракса.

Левица нема да дозволи ваквите манипулации да поминат тивко. Интегритетот на ДКСК не се брани со изјави, туку со факти, а фактите, во овој случај, се поразителни за Цвета Ристовска и за системот што ја штити, стои во партискиот став од таборот на Димитар Апасиев.

Според информациите, Комисијата ќе проверува случаи на судир на интереси и непријавување имот поврзани со Ристовска.

Засега нема официјална потврда од ДКСК дека се отворени постапки, а од објавените информации не е познато дали тие се поведени по поднесени претставки или по сопствена иницијатива на Анктикорупциска.

За потсетување, Ристовска се најде во фокусот на јавноста кога беше известител во ДКСК за предметот со сомнителниот ТОЕФЛ-сертификат на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски. По нејзиното рефрирање на предметот, Антикорупциска се прогласи за ненадлежна да постапува по овој предмет.

Како дополнително спорен момент беше и тоа што Христовски поседува сомнителна диплома од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, на кој Ристовска порано била предавач, но од ДКСК, исто така, се прогласија за ненадлежни да вршат експертиза за дипломата.