Има или нема пари во Буџетот за „Чебрен“ и „Галиште“ – министерката Божиновска се дообјаснува, проектот на „стенд бај“ 30 години!

„Буџетот им бил во лоша состојба за централи што ќе носат профит и самите ќе се отплатуваат, особено Вардарска Долина, а не бил во лоша состојба за финансирање гарантирано губитен и уште поскап проект со брзата пруга“, вели проф. Трајковски за „Локално“

од Nikola Popovski
62 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Впишани во предизборни партиски програми, секогаш најавувани како стратешки енергетски проект важен за енергетската независност на земјава  – неизградените хидроелектрани „Чебрен “ и „Галиште“ повторно во “ќор-сокак“. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ која на почетокот од мандатот во 2024 година, овие енергетски проекти ги нотираше како приоритетни, се уште нема конечна одлука за иднината на хидро-електраните.

Чебрен и Галиште – партиски препукувања и дообјаснувања…

Дали ќе се градат преку јавно-приватно партнерство, со инвеститори или пак државата ќе биде носителот на изградбата? Ресорната министерка за енергетика, Сања Божиновска првично изјави дека „Буџетот не ни е во најдобра состојба“ за оваа енергетска инвестиција која според проценките ќе чини повеќе од 1 милијарда евра.

„Се согласувам дека најдобро е проектот да биде наш, но кога ќе ги погледнеме буџетот и капиталните инвестиции, ќе видиме што е реално. Станува збор за над милијарда евра во пет години – тоа не е малку. Паралелно, има здравство, транспорт и други приоритети. Мислам дека во наредните еден-два месеца ќе имаме повеќе информации. Владата ќе процени дали за проектот за изградба на Чебрен и Галиште ќе се оди со странски инвеститори или тоа ќе биде проект кој самите како држава ќе го реализираме“- изјави Божиновска.

Опозициската СДСМ во ваквата изјава на министерката препозна признание дека има проблем со одржливоста на буџетската каса.

„Како што знаете Буџетот не ни е во најдобра состојба, меѓутоа ќе видиме“. Со оваа изјава министерката за енергетика на Мицкоски, Сања Божиновска призна дека во буџетот нема пари“ – оценија од СДСМ.

Сања Божиновска/Фото: Министерство за енергетика

По лавината реакции, министерката со соопштение се дообјасни дека вината за состојбата во Буџетот е на претходната Влада на СДСМ.

„Министерката јасно и одговорно укажа дека ниту еден проект, колку и да е значаен, не смее да значи запирање или загрозување на средствата за здравство, образование, инфраструктура и други клучни јавни инвестиции.  Буџет што беше разнишан и нефункционален, оваа Влада сега го стабилизира и го става во служба на реални, мерливи и остварливи проекти. Тоа е разликата меѓу одговорна политика и опасен популизам – разлика што СДСМ очигледно сè уште не ја разбира“ – се наведува во соопштението.

Пропаднати тендери и нови ветувања…

Последен пат тендерска постапка за старт на изградбата на хидро-електраните имаше во 2024 година. Тогаш Грчката државна компанија ППЦ „Архиродон“ победи на тендерот, но кратко потоа „крена раце“ од проектот. Една од причините беа и условите за кои Грците тврдеа дека се регорозни во однос на обезбедување на  кредитни средства од банките за инвестирање. Со ова пропадна и 14-от обид за реализација на овој енергетски проект. Владата предводена од СДСМ која го спроведе последниот тендер и од експертите и од тогашната ВМРО-ДПМНЕ беше обвинувана дека сака да ги „распродаде “државните ресурси на странци наместо самата таа да биде инвеститор и да си го заштити националналниот енергетски потенцијал.

Непосредно по преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ ги нотираше „Чебрен“ и „Галиште“ како приоритети.

„Единствено за кое преговараме од стратешки аспект се изградбата на хидроелектраните Чебрен и Галиште.Планираме да го работиме со парите од британскиот заем. Инвестицијата е 1,2-1,3 милијарди евра“ – изјави кон средината на 2025 година премиерот Христијан Мицкоски.

Проф. Дејан Трајковски – Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

Според дел од експертите што ги консултираше „Локално“, разочарувачко е објаснувањето дека се работи за скапа инвестиција за која државата треба да „мери и да сече“ дали ќе има пари за да ја реализира.

„Многу сум разочаран од ваквите изјави. Буџетот им бил во лоша состојба за централи што ќе носат профит и самите ќе се отплатуваат, особено Вардарска Долина, а не бил во лоша состојба за финансирање гарантирано губитен и уште поскап проект со брзата пруга, што ќе ни донесе 3,5 милијарди евра загуби и долгови што ќе мора да се покриваат со рефинансирање од нови кредити“ – коментира професорот Дејан Трајковски.

Според последните информации од Министерството за енергетика, за изградбата на „Чебрен“ и „Галиште“ веќе имало интерес од француска и јапонска компанија. Досега, низ годините, како инвестотори за хидроцентралите на Црна Река беа споменувани енергетски гиганти како РВЕ, ЕНЕЛ, Вербунд, Старткрафт.

Каква ќе биде судбината на „Чебрен“ и „Галиште“ ќе се знае за два месеци. Според проценките за изградба ќе бидат потребни најмалку седум години.