Мицкоски најави жесток одговор по вчерашните протести со палење оган поради „Безбеден град“

-Ќе биде одговорено жестоко, за да не се повтори вчерашното дивеење што се случи, кажа премиерот за протестите на дел од граѓаните од ромска националност

од Nikola Popovski
33 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

За протестите и блокадите на неколку патишта во земјава од страна на граѓани од ромската заедница и критиките кон проектот „Безбеден град“, премиерот Христијан Мицкоски вели дека утрово разговарал со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и побарал од него да биде санкциониран секој оној кој јавно упатил закани и го загрозил мирот и безбедноста.

-Она кое што го побарав од него е кон секој оној кој што го прекршил законот, се заканувал и го загрозил мирот на граѓаните, жестоко да се одговори. И ќе биде одговорено жестоко, за да не се повтори вчерашното дивеење што се случи, кажа премиерот по одбележувањето на 4 февруари – Денот на раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Вчера на неколку локации во државата беа блокирани патните правци. Граѓани запалија гуми на коловозите и протестираа изразувајќи незадоволство од измените во законот за сообраќај и одземањето на неколку моторни возила. Жители на неколку ромски населби низ Македонија обвинуваат за дискриминација, тврдејќи дека многумина од нив немаат завршено образование и затоа немаат услови да полагаат за возачка дозвола.