Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски вели „не се плашам ако некогаш погрешам со временската проценка и да ѝ се извинам на јавноста“. Ова беше кажано на денешната седница за советнички прашања во Советот на Градот Скопје, запрашан за проблемите со јавниот транспорт и набавката на новите автобуси.
Градоначалникот вели дека имаше тендерска постапка, која што сметале дека ќе заврши до месец март, но, како што додава, наместо 80 автобуси, одговорно тврдам, ќе бидат набавени 100 нови автобуси.
-Сакам ексклузивно за јавноста да споделам дека од ЕБОР утринава ни е стигнато писмо, со кое што конечно се откочува проектот за БРТ системот. Она што од нас ни следи како обврска е проектна единица и да направиме измена во планот за јавни набавки. Освен овие 100 автобуси за главниот град, ќе има уште 30 преку БРТ кои дополнително ќе бидат обезбедени. Ако во кампањата сум ветувал 80 нови автобуси, сега заедно со БРТ ќе бидат 130, рече Ѓорѓиевски, додавајќи дека во разговор со премиерот Христијан Мицкоски, најголем дел од тие 100 автобуси ќе бидат испорачани оваа година.
-Не гарантирам дека сите 100 ќе стигнат годинава затоа што тоа не го правам јас, но дека ние ќе започнеме паралелен процес со зафатот поврзан со БРТ, како и со автобусите, тоа ќе го почнеме како Град Скопје, кажа Ѓорѓиевски.
Градоначалникот потенцира дека ЕБОР ги продолжил роковите до март за БРТ системот.