Бугарскиот амбасадор Радуков: Секој пат кога стојам пред гробот на Гоце Делчев, се прашувам зошто нешто што треба да нè обединува толку многу нè разделува

„Зошто во модерна, независна, потенцијално европска, нашата соседна Република Северна Македонија е толку тешко да се прифати улогата на бугарскиот народ, и на Бугарите како Делчев, токму за оваа слобода и независност“, рече Радуков на 154-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер

од Nikola Popovski
442 прегледи Фото: Фејсбук/Бугарска амбасада во Скопје

Дипломати од бугарската амбасада во Македонија, Бугарскиот културно-информативен центар во Скопјe и претставници на бугарската заедница во земјата ја одбележаа 154-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев со положување венци и цвеќе на неговиот саркофаг во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопјe.

„Уште една година сме тука за да одбележиме еден светол датум во нашата заедничка историја и да му оддадеме почит на еден од нашите големи револуционери – Гоце Делчев. И секој пат кога стојам пред саркофагот на Георги Делчев, се прашувам зошто нешто што треба да нè обединува толку многу нè разделува. И зошто во модерна, независна, потенцијално европска, нашата соседна Република Северна Македонија е толку тешко да се прифати улогата на бугарскиот народ, и на Бугарите како Делчев, токму за оваа слобода и независност. Сеќавајќи се на зборовите на Делчев дека го разбира светот „како поле за културен натпревар меѓу народите“, сфаќам колку би бил згрозен од современиот дискурс и говорот на омраза, без оглед на неговиот извор. Тој не би се согласил со овој пристап. Тој не би го прифатил, тој би го осудил, како што сите ние го осудуваме“, рекол амбасадорот на Бугарија, Жељазко Радуков, пренесуваат бугарските медиуми.

Денеска се одбележуваат 154 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, визионерот, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите.

„Гоце Делчев да ни биде пример како понатаму треба да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија“, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски на чествувањето. Тој заедно со министерот за култура, Зоран Љутков и министерката за образование, Весна Јаневска, положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на Делчев.

-Денес го одбележуваме денот на раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, човек којшто оставил нераскинлива трага и денес се сеќаваме и го исполнуваме неговото дело кое што го направил и за македонскиот народ но и за Македонија како држава, но и генерално за сите граѓани. Неговата борба за независна македонска држава, за држава во срцето на Балканот, јас би рекол е епска, за жал прерано го загубил својот живот на 31 година, имал уште многу што да каже доколку преживеел, но за жал не успеал повеќе од 31 година да живее и го положува својот живот повторно со идеалите за македонската држава. Така што уште еднаш денес да си го спомнеме неговиот лик и дело, да го чествуваме и да го сеќаваме и тоа нека ни биде пример како понатаму треба да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија, порача Мицкоски.