Во Основен кривичен суд Скопје денеска се одржа подготвително рочиште за предметот „Крмзов“, кој се води против 10 физички лица, меѓу кои и бизнисменот Ристо Крмзов, како и против 14 правни лица обвинети за даночна измама.
Според обвинението, незаконските активности биле реализирани преку фиктивни договори, манипулации со ДДВ и продажба на недвижности по нереално високи цени, со што од Управа за јавни приходи бил исплатен незаконски поврат на ДДВ во износ од 1.348.996.831 денар, односно околу 21,9 милиони евра.
Предметот го води судијата Илија Трпков, а обвинението го застапува јавната обвинителка Верица Бержетска-Крстева. Судот го закажа првото рочиште за 27 март, кога се очекува почеток на постапката со воведни зборови.
Обвинителката информираше дека над 500 кластери документација, одземени од обвинетите, се наоѓаат во Министерство за внатрешни работи, при што предложи оригиналите да им бидат вратени на физичките лица, а како доказен материјал да се користат скенирани документи. Таа посочи дека одбраната имала целосен пристап до скенираната документација, која опфаќа речиси 8.000 страници, вклучително договори, изводи од УЈП, вештачења и записници од сослушувања.
Одбраната, пак, реагираше дека книговодствената документација мора да се анализира целосно и во меѓусебна корелација со доказите предложени од нивна страна, оценувајќи дека делумниот увид ја ограничува можноста за соодветна одбрана.
Обвинението против Крмзов и останатите обвинети стапи во сила кон крајот на декември минатата година. Како што информира Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, обвинителен акт е поднесен против седум лица за злосторничко здружување, перење пари и продолжено кривично дело даночна измама, додека дел од обвинетите се товарат и за даночно затајување и несовесно работење во службата. Обвинението опфаќа и 13 правни лица.
Според обвинителството, групата делувала од почетокот на 2019 година до 2024 година, користејќи фиктивни фактури и лажен промет на недвижности за неосновано користење влезен ДДВ. На тој начин бил прикажан вкупен влезен ДДВ од над 4,1 милијарда денари, при што е прибавена значителна противправна имотна корист.
Со обвинението е доставен и предлог за конфискација на подвижен и недвижен имот стекнат со кривично дело, кој претходно е замрзнат со привремени мерки, како и предлог за продолжување на мерката притвор за првообвинетиот.