Во Северна Македонија пристигнаа првите лесни оклопни борбени возила на тркала STRYKER MK-B-UCE, со што започнува реализацијата на договорот за модернизација на Армијата.
Досега во земјава се транспортирани девет вакви возила, а за утре е најавен транспорт на уште осум, со што вкупниот број на пристигнати „Страјкери“ ќе достигне 17.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски минатата недела информираше дека овие возила претходно се наоѓале на пристаниште во Грција, од каде што е организиран нивниот транспорт кон Македонија.
Набавката опфаќа вкупно 42 лесни оклопни возила STRYKER MK-B-UCE и се реализира во рамки на меѓувладиниот договор помеѓу Северна Македонија и Соединети Американски Држави. Проектот е дел од плановите за зајакнување на одбранбените капацитети и усогласување со стандардите на НАТО.
Очекувањата на надлежните се дека испораката на преостанатите возила ќе продолжи во наредниот период, согласно договорената динамика.