Македонските камионџии сè уште санкционирани во Шенген, преодно решение најавено за наредната недела

Муратовска очекува трајно решение во рок од два до четири месеци, а како привремена мерка предлага да престане броењето на печатите во пасошите на возачите. Таа смета дека Европска комисија може релативно брзо да донесе таква одлука, повикувајќи се на новата визна стратегија со која камионџиите за првпат се третираат како професионална категорија.

од desk4
12 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ Блиц ТВ

И покрај најавите за изнаоѓање решение, македонските возачи на товарни возила кои транзитираат низ Шенген-зоната и го надминуваат ограничувањето од 90 дена престој во период од 180 дена и натаму се соочуваат со санкции, вклучувајќи т.н. „црни печати“ во пасошите.

Од асоцијацијата Макам транс информираат дека досега 13 возачи добиле забрана за влез во земји од Шенген, а седум биле депортирани, при што бројките не се конечни.

Според Билјана Муратовска од „Макам транс“, возачите кои биле депортирани без формална забрана ќе можат повторно да работат откако ќе им се „ослободат“ најмалку 30 дена во рамки на правилото 90/180, но само за ограничен период. Оние што добиле забрана, пак, ќе мора да почекаат таа да истече, при што должината варира од неколку месеци до една година, зависно од државата во која е извршена контролата.

Муратовска очекува трајно решение во рок од два до четири месеци, а како привремена мерка предлага да престане броењето на печатите во пасошите на возачите. Таа смета дека Европска комисија може релативно брзо да донесе таква одлука, повикувајќи се на новата визна стратегија со која камионџиите за првпат се третираат како професионална категорија.

Таа укажа и на начинот на кој досега се вршеле контролите, наведувајќи дека возачите биле проверувани не само на граничните премини, туку и во внатрешноста на земјите на ЕУ, често за време на задолжителниот одмор на паркинзи.

Познавачите на состојбите оценуваат дека регионот на Западен Балкан има значајна улога во европската економија, што создава интерес проблемот да се реши. Димитар Николовски од Евротинк смета дека превозниците треба да добијат посебен статус, сличен на оној што го имаат пилотите, односно професии кои поради природата на работата мора подолго да престојуваат во земјите членки без постојано живеалиште.

На неодамнешен онлајн состанок, претставници на Европската комисија ги информирале министрите од шесте земји од Западен Балкан дека се разгледува можноста камионџиите да добијат третман сличен на пилотите и машиновозачите, кои се изземени од новиот електронски систем за влез и излез. Преодното решение се очекува да биде презентирано следната недела.

Регионалните медиуми пренесуваат дека претставници на Србија и Босна и Херцеговина предупредиле дека, доколку не престанат апсењата и депортациите на возачите, повторно би можело да дојде до блокади во блиска иднина.