Родителите и семејствата на загинатите во тешката трагедијата во дискотеката „Пулс“ имаат информации дека еден од обвинетите во судскиот процес врши притисок врз сведоците na Обвинителството.
-Имаме сознанија дека лицето Ј.Ј. кое се наоѓа на издржување мерка притвор во затворот во Скопје, му дава мобилен телефон на користење на лицето Тодор Јованов, брат на монструмот, кој преку Вибер-комуникација врши притисок врз сведоците на Обвинителството. Ги повикуваме надлежните служби да ја проверат оваа информација и детално да го проверат и комуникациите остварени преку овој телефон. Се случи геноцид на млада генерација поради алчност, корупција и несовесно работење, а пак продолжува да се работи во таа насока. Ние родителите на овие млади убиени деца нема да дозволиме вистината да остане затскриена. Вистината мора да излезе на виделина, правда мора да има за нашите убиени деца, рече Јулија Златкова, мајката на Томас Златков кој загина кобната ноќ во „Пулс“.
Ново рочиште за случајот во кочанската дискотека во судницата во „Идризово“. Продолжува со сведочења. За денеска се предвидени 5-мина сведоци на обвинителството.
Тензии во судницата на минатото рочиште предизвика сведочењето на Дејан Манасиев, за чиј исказ Обвинителството рече дека е контрадикторен во однос на тој даден во истрагата. На неговото сведочење бурно реагираа и родителите на загинатите што беа присутни во судницата. Мајка на загинат во „Пулс“ во изјава за медиумите рече дека сведокот дал лажен исказ пред Судот и најави дека ќе му поднесат кривична пријава поради тоа.
Тогаш и адвокатот Петре Шилегов побара да се запре судењето за дел од обвинетите кои не се директно поврзани со пожарот во кочанската дискотека, откако Обвинителството го запре кривичниот прогон за седуммина полицајци за кои истрагата покажала дека немаат ингеренции да ги контролираат безбедносните мерки на „Пулс“.