„Шанса за Центар“ ја поддржува иницијативата да не се дава последното јавно игралиште во ОУ „Димитар Миладинов“ под концесија

Оттаму велат дека предното фудбалско/ракометарско игралиште во училштето е единствениот поголем спортски терен на кој децата, младите и сите граѓани може да спортуваат на целиот простор од „Даре Џамбаз“ па сѐ до „Беко“ и до „Мавровка“

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Сител

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ и нејзините советници во Центар ја поддржуваат и се приклучуваат кон иницијативата на револтираните граѓани кои се противат на приватизацијата на последното спортско игралиште во ООУ „Димитар Миладинов“.

Оттаму велат дека предното фудбалско/ракометарско игралиште во училштето е единствениот поголем спортски терен на кој децата, младите и сите граѓани може да спортуваат на целиот простор од Даре Џамбаз па сѐ до Беко и до Мавровка.

-И сега постои притисок и тоа да се даде на приватен концесионер како и другите два вакви терени во училиштето. Истовремено, во радиус од 500 метри од училиштето нема ниеден друг ваков јавен спортски терен, но затоа има 9 казина и кладилници. На што ги учиме децата? Што е нормалното во нашето општество, да спортуваш или да се коцкаш? Децата, младите и сите граѓани мора да имаат бесплатен јавен простор за рекреација. Општината не е деловен простор! Доста е, порачуваат од „Шанса за Центар“.

„Ние, долупотпишаните жители и родители од околината, со оваа петиција сакаме да изразиме сериозна загриженост и противење на најавената намера за одземање на училишното игралиште и негово давање под концесија.

Ова игралиште со години претставува единствен безбеден и достапен простор за игра, рекреација и социјализација на децата од училиштето и од пошироката околина. Секојдневно го користат голем број на деца,за кои ова место има исклучително значење за нивниот физички и психосоцијален развој.

Тука се остварени првите чекори на многу дечиња,првото самостојно пуштање со велосипед,ролери, фудбал, брканици,жмурки и многу други забавни и друштвени игри“, стои во петицијата објавена на социјалните мрежи.