Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги коментираше напорите на францускиот претседател Емануел Макрон за обновување на дијалогот со рускиот претседател Владимир Путин, оценувајќи дека најавите за телефонски разговори не се доволно сериозни.
„Макрон пред околу две недели повторно рече дека некако ќе го повика Путин. Тоа не е сериозно, тоа е патетична дипломатија“, изјави Лавров во интервју за руската државна телевизија RT. Тој додаде дека, доколку Париз навистина сака сериозен разговор, треба директно да се јави. „Путин секогаш ќе се јави на телефон и ќе ги сослуша сите предлози, особено ако се сериозни“, нагласи Лавров.
Во меѓувреме, двајца европски дипломати, кои зборувале за Politico под услов на анонимност, потврдиле дека советникот на Макрон, Емануел Бон, во вторникот престојувал во Москва со цел да се подготви теренот за обновување на директната комуникација меѓу двајцата лидери. Според еден од изворите, Бон се сретнал со Јуриј Ушаков, близок соработник на Путин и член на руската делегација во тековните мировни преговори со Украина.
Француските власти не сакале ниту да го потврдат ниту да го демантираат престојот на Бон во Москва, а исто го сторил и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој изјавил дека тоа го прави „од солидарност со француската страна“.
Макрон во вторникот изјави дека се водат „технички разговори“ за повторно воспоставување дијалог со Кремљ, додека неговиот кабинет соопшти дека тие разговори се водат транспарентно и во консултација со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со главните европски партнери. Францускиот претседател во повеќе наврати нагласи дека европските држави треба да водат и свои директни разговори со Москва.
Аналитичарката за Русија Татјана Становаја оцени на социјалната мрежа X дека реакцијата на Кремљ укажува на отвореност кон иницијативата на Макрон, но и на длабок скептицизам за тоа што Европа може конкретно да понуди.