Џамбаски за посетата на Вајц: „Либералот“ на тепих во Скопје за да продолжи со антибугарската пропаганда

Поранешниот бугарски европратеник и познат по своите контоверзни и провокативни ставови за македонското прашање, смета дека со посетата на Македонија, Вајц ја покажал својата „дволичност“

од Nikola Popovski
29 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Посетата на постојаниот известувач на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц, го предизвика вниманието и кај дел од бугарската јавност. Поранешниот бугарски европратеник, познат по своите контоверзни и провокативни ставови за македонското прашање, Ангел Џамбаски смета дека Вајц ја покажал својата „дволичност“.

„Еве го вистинското лице на безобразно дволичните и лицемерни „либерали“. Ова е човекот кој ги турна сите скандалозни лобистички македонски текстови во извештајот на ЕП за „напредокот“ на Северна Македонија. Неприфатливо и вистинско кршење на сите „европски“ правила и „вредности“.

Наместо веднаш да биде отстранет и истражен за потенцијално лобирање насочено против интересите на земја-членка на ЕУ, овој човек повторно е на тепих во Скопјe за да продолжи со антибугарската хистерија и пропаганда.

Секако, во Софија нема глас на темата, тука повторно сите се криминалци, специјалисти и кловнови. Срамота“, стои во објавата на Џамбаски.

Вајц беше во неколкудневна посета на Македонија, при што се сретна со премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот Беким Сали, преставници на коалицијата ВЛЕН и лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Се разговарало за македонските евроинтегравции и за потребата од продолжување на реформите во насока на европските стандарди.