Помина една недела од објавувањето на големиот скандал со запленетите пет тони дрога во Србија, која во соседната земја влегла од Македонија, а институциите сè уште немаат одговор како овој товар поминал преку границата. Од СДСМ преку соопштение прашуваат кој ќе одговара за овој случај и кој од власта е вмешан во целиот процес.
„Бидејќи на сите им е јасно, без поддршка на структури во власта, МВР, Царина, невозможно е 5 тони дрога да се шверцуваат преку граница“, велат од партијата, додавајќи дека со денови алармираат за поврзаноста на криминални структури во Македонија и во Србија.
Од СДСМ посочуваат дека додека власта молчи за овој случај, истовремено се спроведува медиумска кампања со заплени на канабис со цел да се дефокусира јавноста од главното прашање. Тие го оценуваат ова како фарса и предупредуваат дека доколку се запленуваат легални количини, државата може да плаќа високи отштети.
„Законскиот основ за производство на медицински канабис во Македонија го направи ВМРО и Никола Груевски со измени на Законот на 9 ти февруари 2016 година“, потсетуваат од опозицијата, наведувајќи дека и првата лиценца била издадена во февруари 2017 година, исто така во време на ВМРО.
Според соопштението, целата кампања на власта е „copy-paste“ по рецептот на српскиот претседател Вучиќ. „Затоа ова бркање вештерки по компании е фарса, а истото се случува и во Србија“, стои во партиското соопштение.
Македонските безбедносни органи спроведоа акција во која се запленети 27 тони марихуана, поврзана со претходен шверц во Србија. Истрагата го насочува фокусот кон злоупотреба на лиценците за медицински канабис од страна на компанијата „Алфафарм“, отворајќи прашања за системските пропусти во контролата на овој бизнис сектор.
Акцијата во Скопје и во Струмица се спроведува по налог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, за да се детектираат базите за складирање и дистрибуција на дрогата. Под лупа е компанијата што беше посочена од српските органи, регистрирана во 2023-та година, со дејност за одгледување и преработка на марихуана за фармацевтска употреба и во која, еден од сопствениците беше осомничен во постапката што ја води обвинителството во Србија.