Високо рангиран грчки воен офицер, кој беше приведен вчера под сомнение за шпионажа, испраќал строго доверливи информации во Кина, објави грчката државна телевизија ЕРТ.
Осомничениот бил командант на грчка воздухопловна единица во Кавури во близина на главниот град Атина, а друга грчка телевизиска станица, Скај, објави дека имал воен чин полковник.
Според информациите цитирани од ЕРТ, тој имал пристап до особено чувствителни информации поврзани со националната безбедност и одбрана, како и до технолошки податоци, вклучително и нови одбранбени технологии кои се во развој.
Тој бил следен од грчката Национална разузнавачка служба и бил приведен од воените власти во единицата каде што служел.
Според воени извори, одлуката за негово апсење била донесена кратко пред да испрати информации поврзани со високи технологии.
Осомничениот е под истрага на војската и разузнавачките служби и се вели дека ги признал делата.
Постојат извештаи дека се обидел да регрутира други луѓе во своите активности и да изгради шпионска мрежа, па затоа се вршат проверки и во неговите службени кругови.
Според најновите податоци, на кои се повикува ЕРТ, голем дел од податоците што се предмет на шпионажа се поврзани со проекти на НАТО, што го прави случајот од особен интерес за НАТО, а особено за САД.
Од своја страна, Скај ТВ прецизира дека грчките власти добиле сигнал за воен човек кој соработува со Кина од западно-сојузничка земја и го следеле осомничениот шест месеци.
Медиумот, исто така, потсетува дека вчера, француските власти обвинија четири лица, меѓу кои двајца кинески државјани, за шпионажа во корист на Кина. Засега нема информации за можна поврзаност помеѓу двата случаи.