„Додека работниците се борат за леб, Димитриевски јавно си призна дека не живее од плата“, порачаа од „Бихаќка“

СДСМ: „Исто како Груевски со очилата и мерцедесот и Мицкоски со часовниците од 65.000 евра“

од Nikola Popovski
34 прегледи Фото: Фејсбук

„Максим Димитриевски од ЗНАМ јавно си призна дека не живее од плата. Додека работниците се борат за зголемување на минималната плата за да имаат за леб, власта на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ужива во луксуз“, соопштија денеска од СДСМ по вчерашната изјава на претседателот на ЗНАМ.

СДСМ ја споредува ситуацијата со, како што велат, екс-премиерот Никола Груевски и сегашниот Христијан Мицкоски.

„Исто како Груевски со очилата и мерцедесот, така Мицковски со часовниците од 65.000 евра. Тендерската коалиција живее на грбот на граѓаните.

Тендери за ортаците на Мицкоски и Максим Димитриевски. 161 тендер за еден ортак на Мицкоски, 1,2 милиони евра за друг ортак на Максим преку Пошта, 52 тендери за трет…

Народот гладува, а тие живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби. Со ваква политика на приватен бизнис за тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра. Истата приказна на Максим како со Мицкоски“, порачуваат од „Бихаќка“.

„Не сакам да бидам разбран погрешно, но, јас сум задоволен од платата која што ја примам и сум бил задоволен, бидејќи јас од платата не живеам“, изјави синоќа градоначалникот на Општина Куманово, запрашан за фактот дека Сојузот на синдикати во средата во Собранието поднесе иницијатива за измени на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица.

Димитриевски во дебатна емисија изјави дека создавал и се занимава со приватен бизнис од 1998 година.

„Јас поради политика, го оставив тоа. Работев во странство како и многу други мои граѓани, инвестирав паметно и умно и затоа од политиката не живеам…“, рече, меѓу другото, лидерот на ЗНАМ.