Поранешен член на ОВК уапсен во Србија – учествувал во киднапирање и убиствa на полицајци

Поранешен член на распуштената Ослободителна војска на Косово (ОВК) е уапсен во Србија, соопшти Организацијата на ветерани на Ослободителната војска на Косово и адвокатот Арианит Кочи, цитирано од албанското издание на РСЕ.

од Vladimir Zorba
24 прегледи Фото: Фејсбук

Поранешен член на распуштената Ослободителна војска на Косово (ОВК) е уапсен во Србија, соопшти Организацијата на ветерани на Ослободителната војска на Косово и адвокатот Арианит Кочи, цитирано од албанското издание на РСЕ.

Српските власти потврдија дека Митхат Лежани е уапсен вчера под сомнение за сторени злосторства против цивили, забележа медиумот. Според Србија, тој е осомничен дека учествувал во вежби како член на ОВК во 1998-1999 година (за време на косовската војна – н.з.), „по што учествувал во терористички напади против (вработени во) српското Министерство за внатрешни работи и Југословенската армија“.

Во соопштението на српските власти се наведува дека Лежани „како член на група командувана од Рамуш Харадинај (поранешен косовски премиер и поранешен командант на ОВК), учествувал во киднапирање и убиствa на полицајци“.

Заменик-претседателот на Организацијата на ветерани на Ослободителната војска на Косово, Газменд Суља, изјави дека Лежани е уапсен на границата меѓу Србија и Хрватска, а дека за време на претресот во неговиот џеб е пронајдена членска книшка на ветеран на ОВК.

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека уапсениот е од Пеќ и додаде дека во моментов е задржан 48 часа, по што ќе биде изведен пред српското обвинителство за воени злосторства, каде што ќе му биде покренато обвинение.

Според косовскиот адвокат Арианит Коци, притворањето на Лежани не е изолиран случај, бидејќи апсењата на косовски граѓани кои минувале низ Србија се повторуваат.

Косовското Министерство за надворешни работи сè уште не издаде соопштение.

Србија постојано апси косовски граѓани врз основа на воени злосторства извршени на Косово во периодот 1998-1999 година, а само во 2025 година се регистрирани неколку такви случаи, забележува РСЕ. Според информациите од косовското Министерство за надворешни работи, цитирани од медиумите, минатата година во Србија биле уапсени следните косовски државјани: Арбнор Спахиу, Лулзим Халили, Саша Ѓорѓевиќ, Бехар Прениќи, Хазир Хазири, Авни Ченај, Милан Вукашиновиќ, Џемал Емини и Башким Емини.

Во 1990-тите, Србија ја означи Ослободителната војска на Косово како терористичка организација, додека за Косово, ОВК е организацијата што го штитела локалното население од репресијата на југословенските вооружени сили, напиша и медиумот.