Тренчевска: ВМРО да не ги плаши приватните компании и работодавачите, може да се обезбедат пари за 600 евра минималец

„СДСМ во својот мандат ја зголеми минималната плата од 8.000 на 22.000 денари па не се затворија работни места и не се загрози економијата“, рече пратеничката

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: СДСМ

Пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Јованка Тренчевска посочува дека преку ребаланс на буџетот, само со рационално кратење на трошоците од луксузот на власта може целосно се обезбедат до 200 милиони евра за зголемување на минималната плата на 600 евра за работниците и поддршка на компаниите и приватниот сектор преку субвенционирање на придонесите. Бара од владејачката ВМРО-ДПМНЕ да не ги плаши приватните компании и работодавачите.

„Решението на СДСМ значи поддршка на двете страни, и на работниците и на работодавачите односно компаниите во приватниот сектор. Пари во буџетот има, прашањето е на приоритети.

Само за зголемување на минималната плата на 600 евра потребни се околу 7,5 милијарди денари односно 120 милиони евра. Со кратење на 20 до 30% на делот „стоки и услуги“, каде што се, возила, мебел, патувања, репрезентации, договорни услуги, комфор на функционерите, се обезбедуваат 130 милиони евра. Со кратење на делот „разни трансфери“, од хонорари, времени вработувања се обезбедат дополнителни 75 милиони евра. Значи само со кратење само во овие категории се обезбедуваат од 130 до над 200 милиони евра“, истакна потпретседателката на СДСМ.

Трнечевска оценува дека не може да има пари за луксуз, патувања, партиски тендери и партиски вработувања, а да нема пари за работниците. Според неа, не држат изговорите на владата дека ако се покачи минималната плата ќе се загрози економијата или работата на компаниите.

„СДСМ во својот мандат ја зголеми минималната плата од 8.000 на 22.000 денари па не се затворија работни места, не се загрози економијата. Напротив, со повеќе пари кај граѓаните и поддршка на компаниите се зголемува потрошувачка и расте домашното производство. Изговори нема. Ако власта сака да им помогне на работниците, може веднаш да предложи ребаланс на Буџетот. СДСМ ќе го поддржи“, рече Тренчевска на прес-конференцијата.

Синдикатите бараат итно зголемување на минималната плата на 600 евра и раст од 100 евра за сите преостанати. Формулата што ја предлага Владата предвидува кумулативно зголемување од околу 40% до 2028-ма, со годишни нивелации меѓу 7% и 8%.

Ако не се постигне итен договор во рамките на Економско-социјалниот совет, ССМ се заканува со протести и генерален штрајк.