Здружена иницијативата од 23 организации со еден претставник во Совет на Град Скопје, Зелен хуман град реагира на најавите на градоначалникот, Орце Ѓорѓиевски за продолжување на проектот БРТ систем. Негодуваат трасата да минува низ средишното зеленило по булеварите низ Скопје бидејќи треба да се сечат дрвја.
„Орце Ѓорѓиевски изјави дека проектот за БРТ за кој се земени кредит од ЕБОР од 70 милиони евра без да бидат прашани скопјани, морал да се продолжи како решение. Не е вистина дека мора да се изведе проектот како што е зацртан и да се дозволи уништување на 7.000 дрвја и грмушки во еден од најзагадените градови во светот. Истата банка ЕБОР во минатото сакаше да даде кредит на МК и за изведба на експресен пат сред национален парк Галичица со што ќе се дозволеше уништување на паркот и благодарение на „ОхридSOS“, тој девастирачки проект се запре. Сега пак ни се заканува уништување на белите дробови на Скопје кое мора да го спречиме“, велат од ЗХГ.
Оттаму предлагаат многу едноставно и поевтино решение со издвојување на десна лента од постоечките сообраќајни ленти, без да се чепка средишното зеленило.
„Да не заборавиме дека под средишното зеленило проаѓа главната цевка со која се снабдува цело Скопје со пивка вода од Рашче – инфраструктурен објект од непроценливо економско и стратешко значење кој не смее никој да го доведува во ризик, уште помалку за свој личен каприц, додека постојат алтернативи да се постигне истото без ризик“, стои во апелот на ЗХГ.
Скопскиот градоначалник одговарајќи на советнички прашања во Советот на Град Скопје, информираше дека кредиторот ЕБОР официјално го одблокирал проектот за БРТ (брз автобуски превоз), со што се отвора можност за дополнителна набавка на автобуси.
„Што да правиме, да го прекинеме ли проектот? За него државата има земено кредит. Јас лично никогаш не сум го критикувал овој проект, туку имав забелешка дека треба да се продолжи до Драчево за да се опфати и тој дел од градот и тоа ќе го направиме. За критиките дека ќе минува над главната водоводна цевка, има експерти во таа област кои ќе кажат како тоа може да се направи, сега технологијата е отидена многу напред. Јавно ќе биде презентиран проектот пред јавноста пред да почне реализацијата“, рече Ѓорѓиевски.