Македонија и Црна Гора посакуваат воспоставување на авиолинија меѓу двете земји

Николоски го запознал амбасадорот Миљаниќ со инфраструктурните проекти како и со реформските процеси што се спроведуваат во насока на исполнување на европската агенда

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Министерство за транспорт и врски

Заменик претседателот на Владата и министерот за транспорт Александар Николоски остварил работна средба со амбасадорот на Црна Гора во Република Македонија, Зоран Миљаниќ. На средбата се разговарало за актуелните состојби во двете земји, и притоа акцент се ставил за можноста за воспоставување на нови авиолинии и подобро поврзување на врските меѓу двете земји.

Вицепремиерот го запознал амбасадорот Миљаниќ со инфраструктурните проекти како и со реформските процеси што се спроведуваат во насока на исполнување на европската агенда, притоа била истакната силната инвестициска активност во изградба и модернизација на меѓународните коридори, кои имаат силно влијание врз регионалниот развој и соработка.

На средбата се разговарало и за зголемување на економската соработка, трговската размена како и соработката во туризмот.

„Со амбасадорот разговаравме за подобрување на билатералните односи особено за можноста за воспоставување на авио поврзување меѓу двете земји. Исто така отворивме теми и за унапредување на трговската соработка, туризмот и се што е во интерес на  двете земји. Црна Гора е наша пријателска земја и очекуваме дека во име на таквиот партнерски однос, соработката меѓу двете земји ќе продолжи и во наредниот период“, порачал вицепремиерот.

Двајцата соговорници се согласиле на интензивирање на понатамошната соработка, посебно во делот на зголемување на економските односи меѓу Македонија и Црна Гора.