ЗНАМ: Димитриевски се докажал во бизнисот и политиката и не оди на журки во Дубаи

Партијата на Димитриевски реагираше на обвинувањата од СДСМ и тврдат: „Политиката за нас не е приватен бизнис“

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото: Фејсбук/ЗНАМ

Според Движењето ЗНАМ, обвинувањата што СДСМ ги упатува кон претседателот на партијата, Максим Димитриевски се, како што велат, класична политичка манипулација и замајување на јавноста. Оттаму порачуваат дека нападите на СДСМ се неосновани, тенденциозни и целосно без докази.

-Оваа партија во изумирање наместо со  аргументи и факти  повторно настапува со навреди, конструкции и популистички флоскули, обидувајќи се да ја дефокусира јавноста од сопствениот политички и економски дебакл. Максим Димитриевски никогаш не криел дека има лична и професионална кариера надвор од политиката. За разлика од кадрите на СДСМ кои со години егзистираат исклучиво од државни функции, Димитриевски е човек кој се докажал и во бизнисот и во политиката и покажал дека има став и интегритет.

Максим Димитриевски, за разлика од претседателот на СДСМ, Венко Филипче, е човек и политичар без ниту еден корупциски скандал зад себе. Димитриевски никогаш не бил дел од корупциски афери и криминални набавки на вакцини и скандали за изградба на болници. За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по  луксузни јахти низ светот, тој не поседува „златни визи“ и не оди на журки во Дубаи, порачуваат од ЗНАМ.

Партијата оценува дека наводите за „луксуз“, „тендерска коалиција“ и наводно расипничко трошење се чиста клевета.

-Истата таа партија што денес морализира, ја задолжи државата со милијарди евра, симболичен економски раст и зад себе остави бројни корупциски афери без одговорност. Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија сака да потенцира дека сите јавни набавки и финансиски постапки поврзани со институциите се законски, транспарентни и под надзор на надлежните органи. ЗНАМ останува доследен на принципите на отчетност, одговорно управување и крај на партиските монополи. Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните. Граѓаните многу добро знаат кој ја донесе државата во економска и институционална криза, а кој нуди нов и поинаков политички пристап, стои во партиското соопштение.

Претходно од СДСМ забележаа дека Димитриевски јавно признал дека не живее од плата. Критикуваат дека „додека работниците се борат за зголемување на минималната плата за да имаат за леб, власта на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ужива во луксуз“. СДСМ ја споредува ситуацијата со, како што велат, екс-премиерот Никола Груевски и сегашниот Христијан Мицкоски.

„Додека работниците се борат за леб, Димитриевски јавно си призна дека не живее од плата“, порачаа од „Бихаќка“